Македонија
7. January 2020 - 16:36

Верниците го слават Божиќ, пораки за мир и сплотеност

Православните христијани го прославуваат еден од најголемите празници, Рождеството Христово – Божик.

Централната церемонија, како и секоја година се одржа во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“. Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан богослужеше архиерејска литургија.

Граѓаните очекуваат дека оваа година ќе биде подобра од минатата. ПосакУВААТ стабилност, бидејќи, како што велат, заморени се од политика.

Претседателот Пендаровски од Охрид упати честитка до верниците и им посака мир спокој и радост.

-Се надевам дека секој наш личен напредок ќе значи и напредок на целата заедница и на државата во целина. Дај боже годинава да слушаме само убави вести и да се среќаваме по убави поводи. За многу години нека е денов, рече Пендаровски.

Техничкиот премиеро Спасовски посака мир, спокој и среќа на сите православни христијани.

-Ова е празник кој што е празник на чесноста, празник на храбри одлуки, празник на активности на дело. И токму преку овој празник можеме да се препознаеме што е тоа што можеме да го направиме за себе, за нашата држава, за општото добро и за заедничкиот напредок.

Опозицискиот лидер Мицкоски посака здравје, среќа, бериќет за сите граѓани.

-Човек кога е среќен е најзадоволен. Позади нас е година на порази. Самопочитувањето е она кое што нас не прави побогати сето останато ќе си дојде. Почитувајте се, сакајте се, има надеж за оваа наша Македонија, а надежта допрва доаѓа, рече Мицкоски.

Претседателот на СДСМ, Заев традионално во Водочкиот манастир „Свети Леонтиј“. Порача секој да го почувствува огнот на светлината и топлината, што водат кон радоста и солидарноста.

-Секој може да се надрасне себеси и уште поопределено да дејствува за доброто на заедницата, за доброто на децата и родителите, за семејството, за себе и секако за доброто на нашата земја во која што живееме, работиме, твориме, учиме. Христовото раѓање потсетува на одговорноста пред која што сме исправени да стоиме искрено и храбро на страната на вистината, правдата, мирот и љубовта, напиша Заев.

Божикни литургии беа одржани во сите храмови на Македонската православна црква ширум земјата.