Македонија
26. August 2020 - 8:30

Верификувани мандатите на новите пратеници, се очекува изборот на новата Влада

Собранието доцна синоќа ги верификуваше мандатите на пратениците кои доаѓаат на местото на идните министри во владата. Седницата траеше долго со неколкучасовни паузи бидејќи поединечно беа констатирани оставките на идните министри, а потоа по добивањето на извештајот од Државната изборна комисија, беа верификувани мандатите на идните пратеници.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и пратениците од Левица ја напуштија собраниската седница со образложение дека се постапува неделовнички односно Верификационата комисија нема мандат да решава бидејќи претстанала да постои по конститутивната седница.

Според ВМРО-ДПМНЕ, верификацијата се врши врз основа на извештајот на ДИК, а по предлог на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, а не по предлог на Верификационата комисија.

– Денеска СДСМ верификува мандати спротивно на Деловникот за работа на собранието и неговиот член 17, кој јасно вели дека пратениците кои ќе станат пратеници од листата на кандидати во остатокот од мандатот собранието ја врши на првата наредна седница врз основа на извештајот на ДИК, а по предлог на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања, а не по предлог на верификационата комисија, како што тоа денес го прави, посочија од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение.

СДСМ, пак, излезе со став дека опозицијата со ваквото однесување сака да создаде ситуација во која нема да бидат верификувани мандатите на новите пратеници што во иднина би значело и нефункционално Собрание и нова политичка криза.

 

– Денешното однесување на опозицијата може да доведе до ситуација во која нема да може да се верификуваат мандатите на пратениците кои доаѓаат на местата на оние кои во иднина ќе бидат министри. Тоа во иднина би значело дека ќе имаме нова легитимна влада, но нема да имаме фукционално собрание. Тоа би значело нова криза. Токму тоа е причината зошто ги преземаме овие чекори. Како одговорна коалиција и одговорни пратеници должни сме да не дозволиме и да спречиме нова криза во следниот период, нагласи Јован Митрески, координатор на СДСМ од собраниската говорница.

 

Доцна вечерта седницата ја напуштија и пратениците од Алијанса на Албанците и Алтернатива со образложение дека 12 часа се во Собранието и со барање седницата да продолжи денеска на што реагираше претседателот на Собранието, Талат Џафери со објаснување дека законодавниот дом ќе работи се додека има соодветно мнозинство.

Останува отворено и прашањето за бројот на потпретседатели на Собранието. Претседателот на Собранието Талат Џафери предлага да има пет потпретседатели со што не се согласува опозицијата според која доволни се тројца потпретседатели на законодавниот дом.

Најавите од мандатарот Зоран Заев се дека предлогот за новата влада ќе биде поднесен веднаш штом биде верификуван мандатот на новите пратеници и биде утврден бројот на потпретседатели на Собранието.

– Кога ќе заврши оваа процедура, ќе го поднесам предлогот за влада. Денеска до касно ќе трае процедурата за верификација на мандатите, затоа што се најмалку 9 одлуки. Веројатно утре од сабајле ќе биде поднесен предлогот за влада. Потоа следуваат неколку дена пратениците да се запознаат со владината програма и автобиографијата на кандидатите за министри, изјави вчера Заев.

Новата Влада ќе биде помала, односно ќе има 19 министри, наместо досегашните 26 министри.

СДСМ ќе има 11 министри, од кои осум со ресор и тројца вицепремиери кои ќе бидат предложени како министри без ресор со одредена надлежност.

Покрај Заев како премиер, членови на Вадата ќе бидат и Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата Влада.

ДУИ во Владата ќе има шест члена. Артан Груби ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, а Насер Нуредини министер за животна средина. Министер за информатичко општество и администрација, како што објавија од ДУИ ќе биде Јетон Шаќири.