Македонија
5. September 2019 - 16:46

Венецијанската комисија прво ќе ги слушне аргументите на партиите, па ќе советува за Законот за јазици

Законот за употреба на јазиците пред Венецијанската комисија. Членовите од ова независно меѓународно тело денеска имаа можност да ги чујат забелешките на пратеничките групи, но и пратениците од помалите етнички заедници, во врска со побараното мислење од оваа Комисија за веќе донесениот Закон.

Употребата на албанскиот јазик на банкнотите и на униформите на војската. Ова се спорните одредби кои ги чекаат забелешките од Венецијанската комисија. Од партиите најава дека ќе го почитуваат нивното повратно мислење.

„Тој алтернативен текст од Законот не е усвоен. Ако нивните мислења во однос на членот се афирмативни, тогаш Законот ќе се смени вметнувајќи го нивното мислење...”, смета пратеникот Артан Груби.

Сличен став доаѓа и од пратеничката група на СДСМ.

“Ние сме задоволни, сите ја баравме Венецијанска, ако се договориме сите тогаш забелешките ќе ги вградиме во Законот…”, изјави Мираковска.

Отфрлените 36 илјади амандмани, деловничката процедура во носењето, но и уставноста на самиот Закон, се главните забелешки кои од ВМРО ДПМНЕ ги пренесле на членовите на Венецијанската комисија. Од партијата без прецизен одговор дали ќе ги почитуваат нивните препораки.

Откако ги слушнаа аргументите на политичките субјекти, Венецијанската комисија треба да реши дали ќе даде мислење за текстот на целиот Закон, или пак само на спорните прашања за употребата на албанскиот јазик на банкнотите и во униформите на војската. Нивната препорака не е задолжителна, а нема ниту рок за тоа кога треба да ги достават своите забелешки.