Свет
15. March 2016 - 18:22

Венецијанската комисија бара подобра рамка за уставните реформи во Франција

Европската комисија за демократија преку правото, позната како Венецијанска комисија, оцени дека уставните реформи во Франција може да бидеат подобро спроведени, јави дописникот на МИА од Париз.

Комисијата, која е советодавен орган на Советот на Европа, смета дека секоја одлука за одземање на државјанството мора целосно да ги почитува принципите на правично судење.

Според мислењето на Комисијата, воведувањето на режимот за одземање на државјанствоти и правата кои произлегуваат од тоа, само по себе не е во спротивност со меѓународните стандарди. Сепак се препорачува разјаснување во Уставот дека одземањето претставува „дополнителна казна“, која треба да се спроведува од кривичен судија на индивидуализиран и пропорционален начин, по фер судење.

Во однос на вонредна состојба, Венецијанската комисија ја поздравува иницијативата таа да биде предвидена со Уставот. Сепак, таа предлага во Уставот не само да се внесе можноста за прогласување (и продолжување) на вонредната состојба, туку, исто така, да се регулираат формалните, материјалните и временските граници.

Текстот на член 36-1, како што е донесен на првото читање од страна на Националното собрание, според Комисијата, не е во согласност со меѓународните стандарди. За да се избегне ризикот од премногу широка употреба на уставниот режим на вонредна состојба, Венецијанската комисија препорачува, да се измени членот 36-1.

Венецијанската комисија исто така бара од француските власти да ја разгледаат можноста да се предвиди дека продолжување на вонредната состојба од страна на Парламентот ќе биде можно само со квалификувано мнозинство.