Македонија
10. October 2018 - 14:35

Вељаноски: Народот одлучи, Собранието нема мандат да ја менува одлуката на народот

Изминативе 18 месеци, наместо државата и власта да се посветат на темите за 500 евра просечна плата, повеќе странски инвестиции или 100.000 денари плата за лекарите, еден потесен круг во владата реши да се занимава исклучиво со менувањето на името и Уставот на Република Македонија.

Истовремено, играњето само на картата на договор со Грција за менување на името и менувањето на Уставот на Република Македонија, овој тесен владин круг реши да го претстави како национален приоритет. Но, националните приоритети изискуваат национална соработка и консензус, што за жал владата не сакаше, ниту се потруди да го постигне.

На пример, ниеден пратеник ниту пратеничка група не беа вклучени во овој национален процес. Ниедна опозициона политичка партија или коалиција не беше суштински вклучена во тие тајни и затворени преговарања. Ниедна група на стручни лица по уставно право, трговско право, меѓународно право или историја не беше поканета на ниту една јавна дебата пред да се потпише Договорот од Преспа, бидејќи власта не ни помисли да организира ниту една јавна дебата. Па, дури и институцијата Претседател на државата, која според Уставот и законите има надлежности во водењето на надворешната политика, беше целосно исклучен од тајните преговори, од консултациите и од потпишувањето на штетниот Договорот од Преспа. Ваквиот тесен круг на политичари реши дека тие и само тие имаат и право, и знаење, и мандат, и визија, и педигре да решаваат едно крупно национално прашање, и со тоа ги потценија и ги оставија на маргините на овој процес и граѓаните, и стручната јавност, и пратениците, и Претседателот на државата.

Да сумирам, ваквото водење на процесот од тесна група на владејачки политичари, наместо јавни дебати за ова национално прашање, резултираше со тајни преговори. Наместо консензус на политичките партии, создаде партиска поларизација.

Наместо обединетост на граѓаните, доведе до дополнителна поделеност во општеството.

Наместо чувство дека Договорот е дело и нашето општество и граѓаните, се создаде чувство дека се работи за туѓо наметнато решение и за спогодба која ја доведува Македонија во положба на потчинетост и зависност кон друга држава.
Ова чувство на наметнато туѓо решение дополнително се зацврстува кога во споредба ќе се земат изјавите на владините први луѓе од Јануари оваа година, кога тврдеа дека можно е да се постигне решение со Грција без да се менува Уставот на Република Македонија. 
Само по 4 месеци, во мај оваа година истите луѓе не уверуваа дека единствен достоинствен компромис со Грција е името Република Илинденска Македонија, и дека тоа е веќе договорено на највисоко ниво, а дека доколку не се прифати тој пакет, Министерот за надворешни работи рече дека како чин на одговорност ќе си поднесе оставка. Ова се показатели дека Договорот не извира од македонските интереси, туку дека е наметнат од другата страна, а Македонија и Собранието се доведени пред свршен чин.
Освен овие суштински недостатоци во процесот, кои доведоа до штетен договор и поделено општество, тесниот владин круг на кој тајмингот на потпишувањето на договорот изгледа му беше поважен од квалитетот на договорот, направи и многу крупни незаконски и противуставни грешки, кои самиот процес го прават неуставен, а самиот договор нелегитимен. 

Прво, според Член 3 од Законот за склучување и ратификација на меѓународни договори вели “Меѓународните договори во име на Република Македонија ги склучува претседателот на Републиката“. Овој договор не е потпишан од Претседателот на Република Македонија, што е спротивно на законот.

Второ, самиот чин на ратификација, наместо како што налага Законот и Деловникот на Собранието, наместо да оди преку матичната комисија за надворешни работи, процесот неделовнички се водеше во комисијата за европски прашања. После оваа неуредна ратификација следуваа суштински и законски забелешки од Претседателот на државата, но тесниот владин круг кој брзаше да има Договор по секоја цена, не обрна ни најмало внимание на тоа, напротив, следуваа изјави со потценување и деградирање на таа институција.  Тоа доведе денес да имаме еден наметнат и набрзина склучен политички договор, кој ниту е потпишан од Претседателот на државата, ниту е објавен со Службен весник на Република Македонија, што самиот Договор го прави нелегален.

Трето, владиниот тесен круг кој ги исклучи сите други институционални актери од процесот и го погази легалитетот на договорот, реши легитимитетот за истиот да го побара од граѓаните, веројатно како покритие за сите претходни незаконски чекори. И така, Премиерот тука во Собранието даде ветување дека ќе се постапи согласно Уставот и Законот за референдум и ќе се организира задолжителен референдум, како што налага член 120 од Уставот и членовите 23 и 24 од Законот за референдум. Но и тоа ветување не траеше подолго од неколку дена и владејачкото мнозинство, без да ја консултира опозицијата, без да направи јавна расправа со стручната јавност, донесе одлука за консултативен референдум, спротивно на наведените Уставни и законски норми.

Четврто, тесниот владин круг, не се ни потруди да има недвосмислено и едноставно референдумско прашање, не се ни потруди референдумското прашање да го усогласи со опозиционите партии или со Претседателот, туку спротивно на членот 15 од Законот за референдум, реши да скрои што посимпатично тросмислено прашање, повторно прекршувајќи го законот и потценувајќи ја интелигенцијата на граѓаните.

На крајот, малиот владин круг на кој многу му се брза со ова прашање, продолжи со политиката тие и само тие. Тие сами водеа кампања, тие сами определија буџет за кампањата, тие сами одлучија кампањата да се сведе на еднострана пропаганда, тие одлучија да го закупат целиот медиумски простор, тие сами со себе си водеа дебати, тие правеа и објавуваа оптимистички анкети, тие носеа странски гости по свој избор, и тие имаа мнозинство во Државната изборна комисија. За ваквите незаконски и монополизирани постапки власта беше критикувана, но никој не им пречеше во ништо.

И што се случи. Ако го потценувате народот, народот ќе примети и ќе ви врати со иста мерка. Се случи 30ти Септември, референдумот и денот кога мнозинството на граѓаните на Република Македонија, со пасивен отпор, со неизлегување на референдумот, согласно правото на негласање што граѓанинот го има од членот 7 од Законот за референдум, ја победи пропагандата на власта. 

Ова не е само порака до власта, туку мнозинската волја на народот преку неизлегувањето на референдум е императив, задолжителна обврска за секој пратеник и за Собранието, која гласи, референдумот е неуспешен и народот го отфрли штетниот Договор од Преспа. 

Кога народот ќе одлучи така, Собранието нема мандат да ја менува одлуката на народот. Во таа смисла, јас како пратеник, изјавувам дека немаме мандат ниту намера да учествуваме во обидите за менување на Уставот, што е спротивно на референдумската одлука на народот. Досега одлучивте сами да го водите процесот кој народот ви го запечати со референдумски неуспех, а ако сметате и понатаму дека треба, слободно продолжете во благопријатна атмосфера но да знаете дека нема 2/3 мнозинство за промена на Уставот на Република Македонија.