Македонија
16. October 2015 - 12:35

Вељаноски: Интеграцијата во ЕУ е стратешка определба на Македонија

Интеграцијата во Европската Унија е наша стратешка определба. Истовремено, барем кога станува збор за мојата земја Република Македонија, свесни сме дека членството во ЕУ не е некаков подарок, туку нешто што бара пред сѐ доследно спроведување на низа реформи кои ги опфаќаат сите сфери на општествено-политичкиот и економскиот живот, односно, целосно прифаќање на европските принципи и стандарди врз кои се темели ЕУ, посочи претседателот на Собранието на Република Мкаедонија во обраќањето на седмата конференција на претседатели на парламенти на земјите од Западен Балкан што се одржува во Будимпешта.

Динамиката на нивното прифаќање и имплементација, додаде, зависи од секоја држава поединечно, а со тоа и динамиката на нејзиното приближување, односно асоцијацијата во Европската Унија.

- Сепак би сакал да се задржам на некои принципи и стандарди кои можеме заеднички да ги оствариме, а тоа е пред сѐ соработката на регионално ниво која ги опфаќа сите полиња, од политички, економски, културни, еколошки, па се до оние секојдневни контакти и комуникација на нашите граѓани. Да не заборавиме што сѐ се случува во регионот во изминатиов период, кога сите сме соочени со напливот на бегалци од Блискиот Исток, регионалната соработка денес е особено значајна. Убеден сум дека сите во регионот сме свесни дека само преку дијалог можеме да ги надминеме и билатералните спорови и недоразбирања. Со взаемна почит и соработка да одговориме на предизвиците кои се можеби и дел од процесите на глобализацијата, а со тоа ќе можеме да обезбедиме европска перспектива на целиот регион, истакна Вељаноски во обраќањето на конференцијата во рамки на сесијата  „Југоисточна Европа на патот кон ЕУ“.

Тој потсети дека соработката на ниво на регионот има и институционални рамки, а тоа е Централно-европската иницијатива како најстара организација и Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

- Затоа, сакам да истакнам дека  процесот за соработка во Југоисточна Европа денес израсна во автентичен глас на регионот и е прифатен како адекватен и динамичен форум за дијалог и соработка. Сето ова има клучна улога во целосната трансформација на регионот од онаа позната изрека “буре барут“ во зона на мир, стабилност, солидарност и добрососедска соработка. А да не заборавиме, стабилноста и мирот во регионот значи и стабилност и мир во Европа, а и пошироко, посочи претседателот на македонското Собрание.

Република Македонија, додаде Вељаноски, во овие процеси на регионална соработка дала и дава голем придонес.

- Истовремено, поаѓајки од нашата определба за членство во ЕУ и НАТО, интензивно работиме на потребните реформи односно на целосна хармонизација со европските принципи и директиви. Потврда за ова доаѓа од Брисел, односно од Европската Комисија, која шест години по ред на Република Македонија и дава препорака за добивање на датум за отпочнување на преговорите со Европската Унија за полноправно членство. За жал, нашиот јужен сосед злоупотребувајки ја својата положба на полноправен член, го блокира процесот на нашето зачленување во Европската Унија, односно континуирано ни се повторува Букурешт, кога на самитот на НАТО Република Македонија беше блокирана од страна на Република Грција и не стана полноправен член на Алијансата заедно со Хрватска и Албанија, иако ги исполнивме сите услови. Со ова една членка на Европската Унија, членка на НАТО и членка на Обединетите Нации, перманентно ги крши основните принципи на Европската Унија, ги крши принципите на НАТО и принципите кои произлегуваат од документите на Обединетите Нации. Дури се оди до таму да не се почитува и пресудата на Меѓународниот суд во Хаг кој е дел од Обединетите нации, со која многу децидно и јасно е кажано дека Грција крши меѓународни документи и принципи со нејзината блокада врз мојата држава, Република Македонија, потенцира претседателот на Собранието на Република Македонија.

Тоа, според Вељаноски, делува фрустрирачки на целокупното македонско општество.

- Убеден сум дека некои проблеми и настани кај нас, кои сепак успеваме пред се сами, но и со помош на нашите пријатели од ЕУ да ги решаваме, не би се случиле ако Република Македонија денес беше полноправна членка на НАТО и ако уште пред шест години добиевме датум за отпочнување на преговорите со Европската Унија, истакна Вељаноски.

Иднината на Република Македонија и на регионот, потенцира претседателот на македонскиот Парламент, е интеграција во Европската Унија.

- Сакам да верувам дека и кај сите членки на Европската Унија преовладува определбата на политиката на отворени врати, односно целосна асоцијација на државите од регионот како полноправни членки на ЕУ. Република Македонија очекува од институциите на Унијата доследно да ги почитуваат принципите и условите за прием на нови членови во европското семејство, а тоа се таканаречените Копенхашки критериуми. Секако ова не се однесува само на мојата држава, туку и на сите аспиранти за членство во ЕУ. Затоа, со право очекуваме Брисел токму врз тие критериуми да го оценува напредокот на секоја држава поединечно, истакна Вељаноски.

Очекува да престанат неаргументираните блокади или пак поставување на некакви дополнителни услови кои се надвор од Копенхашките критериуми и воопшто од принципите на Европската Унија и меѓународното право.

- Не смее билатералните односи, прашања или пак наметнати билатерални спорови и разлики да бидат единствената причина за блокада или за напредок на било која држава во процесот на приклучување кон Европската Унија. Уште помалку, ако Европската Комисија шест пати по ред дава препорака за отпочнување на преговорите, односно отворање на поглавјата, а една држава членка става вето. Искрено се надевам дека Европската Унија ќе смогме сили и ќе го надмине ова во рамките на своите институции, рече Вељаноски.

Тој, како што рече, искрено се надева дека Грција ќе почне суштински да преговара за апсурдниот спор околу нашето уставно име наметнат пред 24 години, и искрено посакува другите држави од регионот аспиранти за членство во Европската Унија да немаат вакви проблеми со какви што се соочува Република Македонија на својот пат кон членство во Европската Унија.

Додаде дека и покрај се Република Македонија останува посветена на својата стратешка определба за членство во Европската Унија и во НАТО Алијансата и дека ќе продолжи со потребните реформи и усогласувања со европските принципи и директиви и активно ќе учествува во сите процеси на регионалната соработка во Југоисточна Европа.

Апелираше институциите, но и до државите членки, да ја поканат Република Македонија целосно да биде интегрирана и во Јадранско-Јонските и Дунавските стратегии, како натамошен чекор кон ефективност на макро-регионалните стратегии и соработка.