Македонија
29. September 2016 - 17:50

Вељаноски го прими новоименуваниот француски амбасадор во Македонија Тимоние

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски денеска оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Француската Република во Република Македонија Кристиан Тимоние.

Како што соопштија од Кабинетот на Вељаноски, двајцата соговорници изразиле надеж дека досегашната успешна соработка со амбасадата на Француската Република ќе продолжи и во иднина.

- На средбата соговорниците разговараа за актуелната политичка ситуација во Република Македонија при што и двајцата се согласија дека е потребна поскора конкретна завршница на политичката криза во земјата. Исто така, на средбата стана збор и за мигрантската криза од која е засегната цела Европа. Амбасадорот Тимоние истакна дека е потребно да се соработува за еднаква прераспределна на бегалците за што Вељаноски се согласи дека е потребна принципиелна политика на ЕУ кон сите земји. Вељаноски ја потенцираше важноста на интегрирањето на сите земји од регионот во европското семејтво со цел во иднина полесно да се решаваат сите предизвици со кои ќе се соочува Европа, се вели во соопштението.

Амбасадорот Тимоние истакнал дека ќе се посвети на продлабочување на билатералната соработка помеѓу Франција и Македонија затоа што, како што потенцирал, има многу можности за проекти во повеќе области од заеднички интерес како што се туризмот, културата, размената на студенти...

Вељаноски истакнал дека Собранието на Република Македонија е отворено за соработка и изрази надеж дека во иднина ќе се интензивира парламентарната соработка со Парламентот на Француската Република на сите нивоа.