Македонија
8. April 2018 - 9:46

Велигденски обичаи во Тиквешко

​Едни закопуваат велигденски јајца крај виновите лози во лозовите плантажи за бериќет, други крадат јајца од птиците кањи за здравје. Долгогодишната традиција за време на велигденските денови во Тиквешијата продолжува и оваа година.

Рајна Филиповиќ од Росоман, потврди дека и оваа година го извршила велигденскиот адет кој го наследила од постарите.

​- Станав рано пред зори и пристапив кон мојот долгогодишен ритуал. Јајцето кое лани го вапцав со трите први во мугрите, а го чував цела година и не се расипа, го закопав во нивата за бериќет. Притоа се помолив за среќа. Да ми ги чува блиските, куќата, нивите. Едно од трите јајца пак што годинава ги вапцав рано наутро, догодина исто така според обичаите ќе го закопам во земјата за здравје и радост, објасни таа за МИА.

​Притоа откри дека за велигденските празници меси и погача со пупчиња во кои става и јајца па потоа им дава на дечиња од пупчињата, заедно со велигденски јајца.

​Многу други искусни тиквешки домаќинки признаа дека го практикуваат ова секој Велигден. Не е важно рекоа кој ден од велигденските празници ќе се закопа јајцето во лозјето или нивата, важно е да се изврши адетот. Така тие продолжуваат да живеат со позитивни мисли.

​За разлика од овој стар обичај, за Велигден во Тиквешко исто така се случува да се крадат јајца од гнездата на птиците кањи. Дека е тоа така, за МИА потврди екологистот Томе Лисичанец, кој важи за голем заштитник на птиците.

​- Поединци ги крадат јајцата од гнездата и на нивно место ставаат велигденски вапцани јајца. Тоа го прават бидејќи веруваат дека јајцата од кањите носат здравје. Најчесто своите постапки ги објаснуваат со тоа што нивни блиски се болни, па очајно им треба јајце од кања како единствен спас, кажува Лисичанец.

​Тој додава дека во гнездата на кањите многу често можат да се забележат и најразлични конци или огледалца за кои не се знае дали тие самите ги донеле, или пак несовесни луѓе ги ставиле таму, правејќи на тој начин одредени магии, со кои веруваат дека ќе бидат посреќни.