Македонија
28. April 2016 - 13:42

Велигденски Арт хепенинг во Кавадарци

На градскиот плоштад во Кавадарци денеска се одржува Велигденски Арт хепенинг, во организација на Домот на културата „Иван Мазов Климе“, Друштвото на ликовни уметници од овој град и локалната самоуправа. Учествуваат ликовни уметници од Македонија и странство. 

- Ова е благодарение на ентузијазмот и на директорот на Домот на културата и на нашето здружение на ликовни уметниции, на многуте наши пријатели кои многупати биле гости во Кавадарци. Еве во пресрет на православниот празник, во пресрет и на 1-ви мај, а и да покажеме дека бојата  служи за сликање на штафелај, а не за да се шараат споменици, рече во изјава за медиумите градоначалникот Александар Панов. 

Тој истакна дека со Велигденскиот Арт хепенинг почнува чествувањето на празниците. 

- Јас сум благодарен на уметниците што дојдоа денес. Имаме уметници и од Турција, значи овој настан има и меѓународен карактер. И уметниците и кавадарчани ќе видат нешто посебно тука на градскиот плоштад, се создава едно уметничко дело кое останува за спомен на сите кавадарчани. Се надевам дека ќе дадат пример за многу други кои што како што кажав бојата ја користат на подруг начин, нагласи градоначалникот. 

Задоволство од настанот искажа и директорот на културниот дом, Владимир Темков, кој рече дека Арт хепенингот го посветуваат на неодамна починатиот Глигор Чемерски. 

- Секој од овие уметници доаѓаат од своите средини и носат различен дух кој што е ведар, покажува нешто заедничко, кој покажува творештво. Творештвото е нашиот примарен фактор и затоа денес на овој Велики четврток кога и во Библијата се употребила бојата за вапцање на јајцата еве ние ќе ја употребеме бојата за вапцање на нашите платна. Да создадеме едни дела кои што ќе бидат составен дел на кавадаречкото ликовна уметност, додаде тој.

Уметниците од цела Македонија и странство кои се пријатели на Македонија, присуствуваат денеска на овој хепенинг, рече Темков. - Ние сакаме покрај обележувањето на Велики четврток најголемиот христијански празник да допринесеме со тоа што ќе ја канализираме уметноста, шаренилото нема да го расејуваме непотребно туку ќе ги хармонизираме нашите платна, рече Темков. 

Уметникот Тони Чатлески од Прилеп исто така го изрази своето задоволство од настанот.