Македонија
18. April 2017 - 15:06

Велигденска средба на дебарските верски старешини

Дебарските верски старешини ја продолжија вековната традиција на меѓусебно почитување и посети за верските празници. Муфтијата Хаџи Рамазан ефеди Хаса денеска го посети седиштето на Дебарската парохија во црквата „Света Петка“ и од името на исламските верници на намесникот Миле Ангеловски му ги пренесе честитките до него и православните верници.

- Ние сме денеска тука заедно за да им покажеме на сите дека улогата и вредноста на овие верски празници е да ги соединат луѓето, да изградат мостови на разбирање и соживотот и да создадат услови за рамноправност и сигурен живот меѓу луѓето. Апелирам верските празници да не ги злоупотребуваат оние кои не го сакаат соживотот, каде и да се, затоа што верските прописи порачуваат единство, толеранција и соживот меѓу народите, без разлика на верската и националната припадност затоа што сите луѓе имаат исто потекло од еден татко и мајка, рече муфтијата Хаса.

Заблагодарувајќи се на посетата и честитките, намесникот Ангеловски посочи дека она што е наследено од постарите и младите го негуваат како светост.

- Ова е моја прва средба како намесник по повод празник со муфтијата, но ние секојдневно комуницираме. Убеден сум дека и ние младите ќе продолжиме по патот на кој не научиле нашите постари. Дебар е пример за тоа што значи верска толеранција и соживот, рече Ангеловски, кој од неодмана е нов намесник на Дебарската парохија.

Заедничка порака на старешините и нивните соработници од средбата е Дебар да биде пример за цела Македонија, регионот и светот, како може да се почитува и живее заедно