Бизнис
24. April 2019 - 13:29

Велигден ги поскапе раноградинарските производи на пазарите

 Жителите од југоисточниот регион во државата, особено од општините Гевгелија, Валандово, Богданци и Дојран посочуваат дека со години наназад станува пракса пред Велигден драстично да поскапуваат малопродажните цени на раноградинарските производи.

Дека таа пракса веќе се претвора во традиција, денеска најдобро почувствуваа валандовчани кои на пазарниот ден во Валандово беа принудени пролетната зелка да ја купуваат по 50 денари за парче, за краставиците од втора класа да плаќаат по 60 денари за килограм, а за доматите дури по 120 денари за килограм.

Ништо подобро не очекуваат ниту гевгеличани кои дури се уверени дека и тие утре на пазарниот ден во Гевгелија ќе го почувствуваат ударот врз сопствениот џеб од страна на трговците и продавачите кои добро знаат дека не се штедат пари за богата трпеза со која ќе се пречека големиот празник на Христовото воскресение, Велигден.