Македонија
5. May 2020 - 16:46

Велешанка со месеци живее со циста на нервниот систем чекајќи интервенција

Пациентка од Велес три месеци живее со циста на нервниот систем и не може да оди на контрола на скопските клиники. 44-годишната Марија Стојанова вели дека овој период го поминува во страв бидејќи не знае дали болеста прогресирала. Поради корона кризата во земјата беа одложени сите неитни интервенции, а во таа група спаѓа и Марија.

„Откриена ми е во февруари, требаше да одам на неврохирургија, меѓутоа не можам, и незнам до каде е цистата. Имам тегоби, стегање во мозокот и повремени вртоглавици. Страв ми е“, вели Марија Стојанова од Велес.

Освен Марија, изминатиот период поради Ковид-19 беа одложени интервенции и прегледи на голем број лица, а во здравствените установи хоспитализираа само итни случаи. Министерот Филипче најави дека здравството ќе почне да се враќа во нормала и денеска за тоа требаше да има и состанок со директорите на скопските клиники. Но средба немало и засега е нејасно по кој протокол ќе функционираат амбулантите. И додека се чекаат насоки, на Комисијата за заразни болести денеска поминал предлогот при хоспитализирање во болница без разлика дали е за операција на камен во жолчка или перде на очи, на пациентите прво да им биде направен тест за корона а потоа да влезат во операциона сала.

„За оние пациенти кои ќе бидат лежечки да биде направен тест, тоа денеска помина на Комисија“, вели др. Александар Стојанов од Центар за јавно здравје Скопје.

Покрај пациентите кои ќе бидат хоспитализирани, најверојатно од понеделник според најавите на здравствените власти ќе стартува таргетиран скрининг на ризични групи, од што ќе зависи и олабавувањето на рестриктивните мерки. Тестови ќе им бидат правени на вработени во градинки, полиција, здравствени работници, таксисти.

„Тоа се ризични групи и затоа треба да се направат трстирања, овој период секако е полабаво, има простор во лабораториите за да бидат правени тестирања, и со тоа ќе можат да се најдат доколку има асимптоматски пациенти“, вели др. Стојанов.

Тестирањата ќе ги закажуваат матичните лекари преку „Мој Термин“, а овие денови треба да добијат и алгоритми по кои ќе работат како и бројот на дневни тестови.