Македонија
2. October 2015 - 14:42

Велес потпиша договор за „ЕНЕРЏИНЕТ“ финансиран од ЕУ

Општина Велес во Општина Лерин, Грција го потпиша договорот „ЕНЕРЏЕНТ“ на ЕУ во кој се вклучени македонски и грчки општини, информира на денешната прес- конференција Славчо Чадиев градоначалник на Општина Велес.
 
На координативниот состанок во рамки на проектот „ЕНЕРЏИНЕТ“ одржан во Лерин, присуствувале претставници на македонски и грчки  општини кои се вклучени во проектот. Од македонска страна се вклучени Општините Велес и Прилеп, а од грчка општините Лерин, Ираклеа и Визалтија.
 
Проектот „ЕНЕРЏИНЕТ“ чиј водечки партнер е Општина Лерин од грчка и Општина Велес од македонска страна, предвидува енергетска реконструкција на пет од шестте клонови на градинката „Димче Мирчев“ во Велес, отворање канцеларија за енергетска ефикасност во Општина Велес и изработка на стратегија за енергетска ефикасност согласно европските правила (СЕАП) и права во Република Македонија.
 
Вкупната вредност на проектот е 799.554 евра  или 49.572.348 денари, од кои    Општина Велес добива 106.080,61 евра, а Општина Прилеп 98.392 евра.
 
Според Чадиев, најважниот аспект на проектот за Општина Велес, се градежните работи што ќе ги извршат во детската градинка „Димче Мирчев“ во Велес. Имено,  82 илјади  евра ќе бидат искористени за поставување на термоизолациони фасади за енергетска ефикасност во пет објекти - објекти 2,3,4,5 и 6 во детската градинка „Димче Мирчев“ во Велес.
 
- Овој значаен проект е усогласен со нашите стратешки планови за енергетска ефикасност во сите објекти во сопственост на Општина Велес со што ќе заштедиме енергија, но истовремено ќе придонесеме во заштитата на околината и во практичната едукација на младите генерации, потенцира градоначалникот Чадиев.