Балкан
3. January 2020 - 15:21

Вечерва последниот ТВ дуел Милановиќ - Грабар Китаровиќ, од утре изборен молк

Вечерва со почеток од 19 часот, на НОВА ТВ ќе се одржи последниот дуел меѓу кандидатите за претседател на Хрватска. Зоран Милановиќ и Колинда Грабар-Китаровиќ се во неизвесна “трка” по гласови, имајќи во предвид дека предизборните анкети покажуваат прилично изедначени шанси за победа, јави дописникот на МИА од Загреб.

Според пресметките на изборните штабови на двете партии, односно ХДЗ и СДП, оној кандидат кој во недела на вториот круг од изборите ќе освои над 1.050.000 гласови ќе биде новиот претседател на Хрватска, пренесе загребскиот “Јутарни Лист”. Според информациите на весникот во штабот на Грабар-Китаровиќ се свесни дека значително ќе се зголемат шансите за победа, доколку успеат на своја страна да ги продобијат гласовите на десничарот Мирослав Шкоро, кој беше на трето место во првиот круг на изборите. Тие се надеваат и дека во вториот круг ќе излезат за 6 отсто повеќе гласачи во однос на првиот.

Од штабот на Милановиќ, односно СДП предвидуваат изленост од 51 до 55 отсто. Од СДП најмногу се надеваат на гласовите од Загреб, каде што се очекуваат да освојат повеќе од 250.000.

Во меѓувреме од Десничарката Партија изразија надеж дека на последниот ден од кампањата ќе стигне порака од таканаречениот “водач на десницата” да се гласа за Грабар-Китаровиќ, а во спротивно обвини дека ќе биде одговорен за доаѓањето на власт на Милановиќ.