Македонија
14. September 2019 - 19:28

Вечерва отворање на филмскиот фестивал „Браќа манаки“

Битола е подготвена за јубилејното 40-то издание на најстариот фестивал во светот посветен на кинематограферите, Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Пред Центарот за култура веќе има филмска атмосфера која најдобро ќе се почуствува вечерва на црвениот тепих и под рефлекторите каде ќе поминат голем број светски филмаџии, видни гости, но и љубители на филмот.

-Програмски фестивалот во она што значи славење на 4 децении како најстар во светот е исполнет како око. Има што да гледаат, битолската публика и сите присутни гости, домашни и странски, ќе уживаат во една понуда која е на високо светско рамниште, сите треба да бидеме горди. Битола е на мапата на светските фестивали со големо реноме и ние сите заедно чекориме во новите перспективи на овој фестивал, изјави Благоја Куновски, селектор на фестивалот. 

Од почетокот, па досега, фестивалот бележи нагорен раст, вели еден од основачите на фестивалот, Стефан Хаџиантоновски.

-Tака што не е чудно фестивалот да прерасне во една поголема висока категорија на фестивали во светот, затоа што e единствен фестивал од овој вид, има еден во Португалија, но тој подоцна се разви. Но, овој фестивал има најдобри изгледи да биде центарот на филмските сниматели на светот, изјави Стефан Хаџиантоновски, еден од основачите на фестивалот. 

На свеченото отворање ќе биде доделена наградата за животно дело на американскиот кинематографер Ед Лакман. Фестивалот официјално ќе започне со проекција на филмот, прогласен за морален победник на Канскиот фестивал, „Болка и слава“ на Педро Алмодовар, а токму кинематограферот на филмот, Хозе Луис Алкаине ќе присуствува на проекцијата.