Живот
13. November 2016 - 19:45

Вечерва огромна и сјајна супермесечина

Доколку погледнете вечерва кон небото, ќе сведочите на нешто навистина спектакуларно - огромна супермесечина, која ќе биде исклучително голема и сјајна, пишува Би-Би-Си.

Месечината беше голема и минатиот месец, но оваа ќе биде посебна, најголема и најсјајна од 1948 година.

За „супермесечина“ потребни се две работи - мора да е полна и мора да биде посебно блиску до Земјата.

Месечината околу земјата се движи во овална орбита и во еден момент е поблиску, а во друг подалеку од Земјата.

Положбата кога е најблиску до Земјата се нарекува перигеј, а кога е најдалеку се вика апогеј.

Супермесечината обично е 14 отсто поголема и 30 отсто посјајна од полната Месечина.

Вечерва, ако излезете надвор, некаде каде нема многу улично осветлување, погледнете во небото. Ако ја здогледате Месечината додека е блиску до хоризонтот, ќе се случи оптичка илузија поради која Месечината ќе изгледа уште поголема и поспектакуларна.