Македонија
22. October 2018 - 16:09

Вечерва ЦК на ВМРО-ДПМНЕ - ќе се крои нова стратегија - Мицкоски и Мијалков во фокус на шпекулациите

На седница на Централниот комитет вечерва ВМРО-ДПМНЕ ќе ги гради партиските позиции по последните случувања во Собранието. Извори од раководството за Сител брифираат дека на седницата се очекува партиското раководство да ги слушне ставовите на општинските комитети каде како што велат, тлее големо незадоволство од постапката на седуммината пратеници кои во петокот дадоа поддршка за старт на процесот за промена на Уставот со цел промена на уставното име.

На седницата се очекува да се изгради и нова стратегија за собраниското делување на опозицијата, особено во тековниот процес за уставни измени.
 
Највисокото партиско тело на опозицијата се состанува во пресрво екот ет на низа шпекулации кои кружат во јавноста и според кои на вечершната седница се коваат две сценарија. Според едното, дел од партиското раководство под влијание на екс шефот на УБК, Сашо Мијалков ќе побара вонреден конгрес и смена на Мицкоски, а според другото, партијата ќе го исклучи поранешниот свој висок функционер кој е обвинуван за влијание врз пратениците да гласаат спротивно на партиската одлука.

Мијалков, околу кој се вртат и двете сценарија во изјава за медиумите повика на единство и отфрли било каква вмешаност во актуелните случувања.

„Отфрлам било какви шпекулации за мое влијание врз претседателот на партијата, органите на партијата, пратениците или која било друга организациска структура во нејзин состав.
Во таа насока, сметам дека во овој момент, во интерес на сериозните предизвици со кои се соочува нашата партија, е потребно единство како никогаш до сега. Најмалку потребно во овие моменти е создавање поделби кои ќе имаат за цел да го ослабат ВМРО-ДПМНЕ“ – вели Мијалков во својата изјава во која додава дека ВМРО-ДПМНЕ треба да остане на својот прозападен концепт со крајна цел интеграција во НАТО и Европската унија.

На неколку часа пред стартот на седницата на Централниот комитет, поддршка за Мицкоски и повик за брза консолидација стигна од поголемиот дел пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

„Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, сепак покажа дека му е побитна демократската доверба која гласачите им ја дале на пратениците, и вољата на членството и симпатизерите.
Со тој став ја заслужи мојата поддршката и како пратеник, и како член на ВМРО-ДПМНЕ од 1992 година. Консолидацијата и единството во ВМРО-ДПМНЕ, врз основа на програмските определби, се потребни и полезни за демократијата во Република Македонија.“ – напиша на сцоијалните мрежи пратнеикот Антонио Милошоски. Слични пораки испратија и поранешни и актуелни високи партиски функционери меѓу кои пратеникот Влатко Ѓорчев и долгогодишниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски.

За разлика од нив, долгогодишниот координатор на пратеничката група Илија Димовски во писмена изјава вели дека не се согласува со политиките на партијата од смената на Груевски до денеска

“Нападите, разрешувањата и исклучувањето на луѓе во последниот период се избрзани и резултат на некорисни емоции и сериозен афект од состојбата. ВМРО-ДПМНЕ растела секогаш кога прибирала луѓе околу себе. Сакам да подвлечам дека нема да учествувам во ниту една нова фингирана битка, игра и пресметка во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи почнувајќи со Конгресот во Валандово па се до ден денес сите се такви, фингирани“ – вели Димовски кој обвинува за изолираност и дефакторизација.