Балкан
4. October 2018 - 9:43

„Вечерње новости“: Белград предупреден од западен дипломат да не интервенира во Косово за да не влезе во војна со НАТО

Доколку Србија од какви било причини донесе одлука со свои сили да интервенира во Косово, ќе влезе во отворена војна со КФОР и НАТО, а не со косовската полиција.

Таква директна закана по повод последните тензии во Косово изнел во разговор со српски официјлани лица висок претставник на членка во НАТО во Белград, објавија Вечерње новости.

– Тој дипломат беше многу заинтересиран за тоа како Белград гледа на драматичните случувања на Газивода, изјави за весникот добро информиран соговорник.

– На состанокот тој изрази нескриено незадоволство од реакцијата на нашите власти и подигнувањето на борбената готовност на армијата на Србија, додава неименуваниот извор.

Српскиот претседател и врховен командант на Војската на Србија, Александар Вучиќ рано изутринава ја повлече наредбата за зголемена борбена готовност на силите за итно и брзо реагирање.

- Претседателот на Србија и врховен командант на Армијата на Србија, Александар Вучиќ рано изутринава, согласно своите овластувања пропишани со Законот за одбрана, им достави на министерот за одбрана Александар Вулин и началникот на Генералштабот на Војската на Србија, Милан Мојсиловиќ, наредба за повлекување на зголемената борбена готовност на силите за итно и брзо реагирање, соопшти Министерството за одбрана.