Македонија
7. July 2022 - 16:43

Вчерашниот инцидент ги скара Арсовска и Таравари поради разрешувањето на братот на приведениот напаѓач

Заврши ли приказната на Алијанса со Данела Арсовска? Генералниот секретар на партијата на Села, лут на скопската градоначалничка која по полноќ го разреши в.д. директорот на Комунална хигиена чиј брат употреби оружје во синоќешниот инцидент кај плоштадот Скендер бег – вели дека треба да прекине партиската соработка со Арсовска.

- Ако е разрешен мислам дека тука завршува нашата приказна во Скопје. Јас лично ќе побарам од претседателството да прекине соработката со Данела Арсовска, нема што веќе да соработуваме со Данела, после 12 да рзрешува директори без да не консултира нас, вели Арбер Таравари, генерален секретар на Алијанса

Данела Арсовска не ја разбира вообразеноста на Таравари и експресно, писмено му врати на генералниот секретар на Алијанса дека соработката им завршила уште вчера.

- Не ја разбирам вообразеноста и коментарите на господин Таравари, со оглед на тоа што соработката ни е завршена уште вчера. Кадровски решенија може тој лично да си поставува во Гостивар, а не во Скопје. Со личност која напаѓа, која нема етички компас, оправдува во било која форма насилство и напад со огнено оружје како во вчерашниот инцидент и подгрева меѓуетнички тензии, нема основ да се соработува, пишува градоначалничката Арсовска.

Инаку пред раскинувањето на соработката и медиумските препукувања, партијата на Села и даде максимална поддршка на Данела пред изборите за градоначалник на Скопје а заедно споделуваа и слики од нивните средби.