Важно: Ќе се фрлаат мамки за вакцинација на лисиците, граѓаните да не ги допираат
Денеска почнува 13. есенска кампања на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за вакцинација на лисиците против беснило.
На целата територија на Република Македонија, со исклучок на населените места, водените површини и високите планински врвови заклучно со 19 октомври, од спортските аеродроми во Скопје и Штип ќе бидат фрлени 500 илјади вакцинални мамки.
АХВ апелира граѓаните да внимаваат при движењето во природа и доколку најдат мамка никако да не ја допираат. Мамките се со кафена боја и наликуваат на чоколадни коцки. Направени се од смеса со рибино брашно и имаат мирис на риба кој ги привлекува лисиците. Во мамките има пластична капсула со течна вакцина која содржи ослабен вирус на беснило, како и биолошки маркер - тетрациклин за утврдување на успешноста на вакцинацијата.
- Како одговорна институција апелираме мамката да не се допира, но, доколку сепак граѓаните дојдат во контакт со неа, таа треба внимателно да се отстрани и остави во помалку населена област, каде ќе биде неможно истата да дојде во контакт со деца. Ако се случи граѓаните да дојдат во контакт со течната содржина од капсулата, неопходно е рацете да се измијат со голема количина сапун и вода, во траење од најмалку пет минути и задолжително веднаш да појдат на лекар. Мамката внимателно треба да се земе со ракавица или кеса и да се понесе со себе, велат од АХВ.
Агенцијата ги потсетува сопствениците на домашни миленици кучиња и мачки дека имаат законска обврска да ги вакцинираат животните против беснило иако болеста во Македонија последен пат е регистрирана во 2012 година.
По реализација на вакциналната кампања против беснило, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведе пост-вакцинален мониторинг заради контрола на успешноста на оралната вакцинација.
Кампањата за вакцинација се реализира со финансиска поддршка на Европската унија.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Владо Мисајловски, носител на листа ИЕ2 од ВМРО-ДПМНЕ
-
Мицкоски ги повика Апасиев и Димитриевски на обединување
-
Парламентарни избори 2024
-
Претседателски избори 2024
-
МОН до основните училишта: Во саботите ќе се одработуваат неработните денови поради изборите
-
Оспорени 3.000 вработувања кои ги потпишал Бесими без врзан потпис, ДИК ќе одлучува дали ќе останат на работа
-
Компанијата „Еуромакс Ресоурсес“ со последно предупредување пред да ја тужи државата за рудникот „Иловица - Штука“
-
Скопје ја надмина бројката од 400 заразени со голема кашлица