Свет
26. January 2016 - 10:50

Вашингтон: Владимир Путин е корумпиран

Американското Министерство за финансии смета дека рускиот претседател Владимир Путин е корумпирана личност, јави Би-Би-Си. 

Британската телевизија наведува дека Вашингтон досега обвинуваше повеќемина советници и соработници на Путин за вмешност во коруптивни зделки, но ова е првпат рускиот претседател да биде директно обвинет за корупција.

Раководителот на тимот на американското Министерство за финансии задолжен за контрола на почитувањето на западните санкции кон Русија, Адам Сабин во изјава за Би-Би-Си вели дека Путин е корумпиран и дека американската Администрација веќе „многу, многу години“ знае за тоа.

- Бевме сведоци на богатењето на неговите пријатели и неговите блиски сојузници и на маргинализацијата со помош на државни средства на оние кои не ги смета за пријатели. Било да станува збор за руското енергетско богатство или за државните договори дадени на оние за кои верува дека ќе му служат, за мене сето тоа е слика на корупција, изјави Сабин.

Тој не сакаше да го коментира тајниот извешај на ЦИА од 2007 година во кој се тврди дека богатството на Путин е проценето на околу 40 милијарди долари, но сепак вели дека во текот на своите мандати рускиот претседател „натрупал огромно богатство“.

Кремљ за сега одби да ги коментира ваквите обвинувања од Вашингтон со образложение дека „на ниту едно од овие прашања не треба да се даде одговор, бидејќи тие се чиста фикција“.