Свет
19. January 2017 - 18:50

„Вашингтон пост“: Тројца помошници на Трамп ги носат клучните кадровски решенија

Клучните кадровски решенија во тимот на новозибраниот претседател на САД, Доналд Трамп ги носат неговите тројца најблиски соработници, Стивен Банон, Џаред Кушнер и Рајан Прибс, пишува весникот „Вашингтон пост“. 

Банон е главен политички стратег во тимот на Трамп, Кушнер, кој е негов зет, е постар политички советник, а Прибс е шеф на кабинетот на новоизбраниот претседател.

Според весникот важна улога во донесувањето кадровски решенија има и Мајкл Флин, советник на Трамп по прашањата за национална безбедност. Тој не назначува само кадри во Советот за национална безбедност при Белата куќа, туку и предлага кандидати и за други безбедносни служби и разузнавачки органи. 

Милијардерот Питер Тил учествува претежно на организациско ниво, во приемот на власта во Пентагон, додава весникот.

- Кога ќе бидат потврдени членовите на кабинетот избрани од Трамп, соодносот на силите може да се промени, коментира „Вашингтон пост.

- Засега сепак Банон, Кушнер и Прибс го имаат последниот збор во назначувањата во сферата на националната безбедност. Без нивна согласност не се носи ниту една важна одлука, додава весникот.

Се очекува лидерскиот тим на Трамп да почне со работа уште утре во Вашингтон, на денот кога новиот претседател на САД официјално ќе стапи на должност.