Свет
11. October 2018 - 8:41

„Вашингтон пост“: САД знаеле за плановите да биде уапсен саудискиот новинар Хашоги

Американските разузнавачки служби знаеле за саудискиот план да биде примамен новинарот Џамал Кашоги со цел да биде уапсен, пишува весникот „Вашингтон пост“.

Според весникот во таа операција бил вмешан саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.

Кашоги, кој ги критикувал саудиските власти и пишува статии за американскиот весник, е исчезнат повеќе од една недела, откако замина во саудиското дипломатско претставништво во Истанбул.

Според весникот, 59-годишниот новинар споделил со неколку свои пријатели дека добил предлози од високи саудиски претставници. Му била ветувана заштита, дури и висока државна функција, доколку се врати во својата земја, но Кашоги не верувал во таквите предлози.

Портпарол на Стејт департментот демантира дека САД биле информирани за закани кон Кашоги.

- Категорично ги отфрлам тврдењата дека САД биле предвреме информирани за можно исчезнување на Кашоги, истакна Роберт Паладино.