Свет
2. November 2015 - 8:23

Вашингтон и Сеул со договор за засилување на заедничката одбрана од Пјонгјанг

САД и Република Кореја се договорија да ги засилат заедничките одбранбени способности против закани од Северна Кореја, но не објавија конкретни чекори за одамна одлаганото префрлање на военовременската команда на силите на Јужна Кореја од американската армија.

Министерот за одбрана на САД, Ештон Картер изјави дека префрлањето на командата ќе се случи откако Сеул ќе развие доволно способности да се спротистави на севернокорејската артилерија и откако ќе ги подобри командувањето на вооружените сили како и разузнавањето.

Јужнокорејците презедоа контрола над армијата во мирно време по 1994 година од САД, кои по Корејската војна 1950-1953 имаа  целосна команда и големо присуство во таа држава. Проблемот за контрола во воено време се уште не е решен.

Картер ја оквалификува Северна Кореја како „закана што трае“ додека јужнокорејските официјални власти наведоа дека државата нема да толерира понатамошни воени провокации од Пјонгјанг.