Македонија
10. July 2018 - 16:24

Ваша приказна: Жителите на улицата „Бутелска“ со години чекаат поштарот да тропне на нивната врата

Подолг период е празно поштенското сандаче на Владимир Ѓоргиев од улицата Бутелска бр. 44 во Скопје.. Тој вели дека Македонски пошти не вршат достава на пратките наменети за оваа улица.. Додава дека за проблемот ги информирал вработените во блиската пошта но немало одговор зошто реонскиот поштар не ги доставува пратките до нивните домови..

„Последните 5-6 години редовно имаме проблем со поштата. Се жалевме многу пати во поштата Чаир која е надлежна за овој реон. Таму креваат раменици, не знаат што се случува. Последнава година воопшто не примаме пошта. Пред да прекине доставата се случуваше во едно поштенско сандаче да најдеме пратки буквално за целиот реон па разнесувавме по соседи. Јас ако треба да ја работам работата на пошта, тогаш веројатно треба да ги земам и парите“, вели Владимир Ѓоргиев, жител од ул. Бутелска во Скопје.

Ѓорѓиев не е единствениот чие поштенско сандаче е празно со месеци.. Не сакаа да говорат пред камерата, ама и останатите жители од улицата Бутелска потврдија дека не добиваат поштенски пратки.. Објаснуваат дека заради нередовната достава плаќале и камати за задоцнето плаќање на фактурите.. За останатите поштенски пратки пак наместо нивна, користеле адреса на нивни блиски  каде има уредна достава..

„Сметки за струја, телефони – се тоа доцни. Сите тие луѓе за тоа плаќаат камати а понекогаш и доаѓа до исклучување на услугата поради неплатена сметка за која луѓето не се одговорни. Најчесто сите собираат раменици и кажуваат дека нема поштари“, вели Ѓоргиев.

Од Македонски пошти пак велат дека до сега не примиле поплаки од граѓани на улицата Бутелска.. Ветуваат дека поради реакцијата од граѓаните, ќе се направи проверка која ќе утврди дали има проблем во распределбата на поштенските пратки..

Во писменото известување од Македонска пошта велат дека тројца пошторазнесувачи ја прават доставата и додаваат дека покрај нив, достава на поштенски пратки вршат и други даватели на поштенски услуги и поради тоа е потребно да се наведе за какви поштенски пратки станува збор и кои се испраќачите на тие пратки за да може да го лоцираме проблемот, доколку се работи за пратки чија достава ја извршува Македонска пошта, информира акционерското друштво..

Од пошта ги повикаа корисниците од улицата Бутелска доколку постои проблем да се обратат до надлежните во поштата Чаир..