Македонија
13. April 2018 - 8:45

Вартоломеј: Само Вселенската патријаршија е мајка црква

Само Вселенската патријаршија може да биде мајка црква на балканските цркви, им кажал вселенскиот патријарх Вартоломеј на професорите и студентите од Православниот богословски факултет во Скопје на нивната средба во Истанбул.

Според него, Бугарската црква не може да помага на други цркви да го решаваат својот статус, туку тоа треба да оди преку Вселенската патријаршија. На професорите и студентите им порачал дека секогаш се добредојдени кај него и оти смета на нив како на идна генерација теолози и свештеници во зајакнувањето на православието и односите со соседните народи и православни цркви.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј, исто така, кажал дека има добри и пријателски односи со македонскиот претседател Ѓорге Иванов кој неделава исто така го посети во Вселенската патријаршија во Истанбул.