Македонија
18. February 2020 - 15:18

Вархеји оптимист дека Македонија и Албанија ќе ги испорачаат реформите за членство во ЕУ

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји е оптимист дека Македонија и Албанија ќе ги испорачаат реформите потребни за зачленување во Европската Унија.

– Двете земји не се откажуваат од реформите… и ќе видите дека тие ќе испорачаат, и ако го сторат тоа, можете да бидете уверени дека ќе има отворање преговори, рече Вархеји, додавајќи дека е многу охрабрен од посетата на Македонија и Албанија минатиот месец.

Нагласи дека „се нуди членство, ништо друго“.

Коментарите на Вархеји доаѓаат откако францускиот претседател Емануел Макрон, кој во октомври го блокираше отпочнувањето преговори со Скопје и Тирана, минатата недела рече дека има волја да даде зелено светло за двете балкански земји да почнат преговори, доколку извештаите на ЕК, што се очекуваат во првите денови на март, се позитивни за овие две земји.

Вархеји во почетокот на овој месец предложи на земјите-членки на ЕУ да им се даде можнсот да го одложат или да го вратат процесот на пристапување или да ги принудат земјите кандидати повторно да ги почнат преговорите во одредени политички области.