Loading Video...
Ракомет
19. August 2021 - 18:30

Вардарци без долг и со нов дрес ќе играат и во Лигата на шамшпионите

Вардарци го промовираа новиот дрес со кој ќе настапуваат во следната сезона, а воедно информираа и дека е отстранета и последната пречка за настап во Лигата на шампионите
 
На денешната промоција на новата опрема со која ќе настапуваат ракометарите на Вардар и тоа на три полиња, првиот човек на црвено-црните Михајло Михајловски, потврди дека е отстранета и последната пречка за учеството во Лигата на шампионите. 
 
Депозитот кој ЕХФ го побара од Вардар е исплатен, па сега црвено-црните може комплетно да се фокусираат кон настапите кои ги очекуваат.
 
„Се договоривме со челниците на ЕХФ. Се исплатија играчите по 700.000 евра, а останатите 300.000 евра се како депозит кој стои и тие може да се искористат. Мојата функција во тие преговори беше начинот да се смени плаќањето на тие средства, а за останатите средства беше задолжен Сергеј Самсоненко. Сега имаме чист терен пред себе, јас го користам овој прес да испратам апел до сите досегашни спонзори да се обнови договорот и да дојдат некои нови потенцијални спонзори да го помогнат Вардар. Сепак, ние сме двократен европски првак и клуб со јавен интерес. Најдобар клуб од државата. Очекувам институции од градот, од владата, од општините и некои државни јавни претпријатија да го помогнат овој проект и она кое се зацрта да се оствари. Наша цел е да се влезе во ТОП-8 во Европа, да се игра финале на СЕХА и да се освои двојната круна во Македонија“, изјави Михајловски.
 
Следните натпревари за Вардар ќе бидат од пријателски карактер, на турнир во Магдебург, додека првиот официјален е  против ППД Загреб во ракмите од четвртфиналето на СЕХА-лигата закажан за 26 август.