Ракомет
4. јуни 2017 - 10:48

Вардар против ПСЖ за првиот шампионски трофеј во Европа

Ракометарите на македонскиот шампион Вардар попладнево од 18 часот во Ланксес Арена го играат првото големо европско финале. Во борба за шампионскиот пехар за ривал ќе го имаат супер скапиот тим на ПСЖ актуелен француски шампион. 
Кој и да победи во финалето за првпат ќе го крене шампионскиот пехар, а тоа значи дека во последните шест сезони во Лигата на шампионите првак ќе стане нова екипа од друга држава.
Двата тима победија минимално со гол разлика: Вардар – Барселона 26:25 и ПСЖ – Веспрем 27:26.
Иван Чупиќ од Вардар е единстевниот што има шанса да ја одбрани титулата откако тоа го направи и лани со полскиот тим Киелце. Голманот на Вардар Арпад Штербик има три шампионски „престени“ со Суидад Реал (2006, 2008 и 2009).
Голманот на ПСЖ Тиери Омејер може по петти пат да биде европски првак (Монпеље 2003, Кил 2007, 2010, 2012), додека Никола Карабатиќ има можност да има четврта титула – сите со различни екипи (Монпеље 2003, Кил 2007 и Барселона 2015).
Вардар со шампионската титула ќе ја запише Македонија како шеста држава од каде доаѓа европскиот првак (Шпанија, Германија, Франција, Словенија и Полска).
На двата натпревара досега ПСЖ има една победа во Париз, додека во Скопје дуелот заврши нерешено 24:24.
Финалето ќе го судат германските судии: Ларс Гепел и Маркус Хелбиг.
Во „малото финале“ од 15:15 часот ќе играат Веспрем и Барселона.