Loading Video...
Ракомет
2. јуни 2019 - 20:58

Вардар е еден, Вардар е најдобар, Вардар е европски шампион!

Моќниот Вардар ја однесе Македонија повторно на врвот на Европа,  Вардар по вторпат е европски ракометен шампион  по победата во финалето над унгарскиот Веспрем од 27-24.

Уште еден натпревар на црвено-црните по вчерашниот со Барселона што ќе се памети. Да се биде пред гиганти како што се Барселона, ПСЖ, Веспрем, Кил е навистина подвиг на кој мора да бидеме среќни и горди.

Вардар против Веспрем одлично го започна натпреварот. Дозволи само едно водство на противникот  и потоа ја презеде иницијативата и предноста растеше од минута во минута за да до крајот на првиот дел  се одлепиме на 16-11.

Дека Веспрем е силен противник покажа стартот на вториот дел кога Унгарците потврдија дека е рано да се предадат.  Направија серија од 4-1 и до средината на првиот дел се доближија само на еден погодок негатива  22-21.

Но Вардар во тие моменти го покажа големото срце и успеа да ги издржи силните налети на противникот и да ја врати предноста на 2-3 гол. Овој резултат  на крајот му го донесе и посакуваниот триумф со последниот погодок на Чупиќ со што се повтори историјата од пред две години  и започна славјето на втората шампионска титула . Втора титула во второто финале за разлика од Веспрем кој по четврти пат играше во завршницата но никако да освои трофеј.

Сите ракометари одиграа одличен меч.  Ќе се паметат  6-те погодоци на Рожерио, сигурните удари од 7 метри на Чупиќ, проектилите на Криштопанс, одбраните на Милосављев , налетите на Дибиров, МВП признанието на Карачиќ но и прекрасната атмосфера што ја креираа бројните фанови на Вардар во ракометниот храм во Келн.

Беше весело и навивачки и на плоштадот Македонија во Скопје каде амбиентот го расипа врнежливото време.  Но и во такви услови оние најупорните беа тука да го следат Вардар на големиот бим, да се радуваат на секој гол  и на крајот да прослават лудо за големата победа.

Вардар е еден, и наш македонски, да не се заборави тешко е да се искачиш на врвот на Европа , да  креираш проект на кој ќе се гордееш за кој ќе живееш.  Пораката по овој успех на Вардар е голема и само оние што направиле нешто препознатливо во животот можат да ја разберат затоа  силно одекна изјавата на Тимур Дибиров по финалето: Ако по овој успех никој не му помогне на Вардар да си одиме сите во пензија....

Браво Вардаре, Браво Македонијо....славјето е веќе започнато во Скопје но и во останатите македонски градови. Ќе трае доцна во ноќта а ќе продолжи утре кога националните херои ќе треба да пристигнат во Скопје....