Ракомет
4. April 2019 - 18:59

Вардар е балканскиот ракометен владетел

Ракометарите на Вардар продолжуваат да испишуваат  историја на меѓународната сцена откако во Брест го освоија и 5. Трофеј во регионалната СЕХА лига.  За црвено-црните ова  значи и хет-трик но и убаво загревање пред продолжението од Лигата на шампионите.

                 Македонскиот првак  уште еднаш ја потврди високата класа во европскиот ракомет. Освои уште еден силен турнир совладувајќи екипи од рангот на Мешков Брест и  Загреб.  Особено жестоко се играше во финалето каде ракометарите на хрватскиот тим физичката и квалитативната инфериорност се обидоа да ги надоместат со борбена и на моменти груба игра.

                Сепак Вардар  иако имаше негатива до крајот на првиот дел направи резултатски пресврт и на крајот славеше победа од 26-23.

                Најефикасен на мечот беше Кристопанс со 7 погодоци  со што беше прогласен и за најдобар играч на завршниот Ф-4.  Темна сенка на овој меч фрли повредата на Дисингер за која последните информации велат дека сепак се работи за дислокација а не за скршеница на раката.

                Првиот стратег на Вардар по мечот изјави -Горд сум на овие момци. И вечерва се надминаа, покажаа срце, карактер и пак славевме. Сепак, нема да кријам дека сум тажен. Повредата на Кристијан е сериозна, но сепак ќе причекаме пред да донесеме заклучоци“ рече во кратката изјава Роберто Парондо.

            Карачиќ кој исто како и капитенот Стоилов доби можност да го подигне трофејот од СЕХА лигата откако најави заминување од Скопје во редовите на Кјелце. Покрај  Стоилов во идеалниот тим на СЕХА лигата обезбедија уште и голманот Милосављев ,  Кристопанс и Дибиров.

            Вардар по овој успех го очекува четвртфинале од Лигата на шампионите против  унгарскиот  Пик Сегед.