Ракомет
7. March 2016 - 19:36

Вардар домаќин на Веспрем

 Македонскиот ракометен шампион Вардар утре го пречекува шампионот во СЕХА Газпром лигата, Веспрем. Тренерот Раул Гонзалес очекува убав ракомет со оглед на тоа што вардарци го имаат обезбедено учеството на „фајнл-фор“ турнирот.

- Играме против Веспрем, одлична екипа, со многу добри играчи, како Палмарсон, Наѓ. Ќе биде интересно затоа што ќе има многу добар ракомет. Ние тренираме, се подготвуваме и се уште не знаеме каква ќе биде нашата ситуација зашто имаме повредени играчи. Штербик нема да игра со сигурност исто така и Горбок. Сега ќе играме без притисок и за разлика од Лигата на шампионите. Можеме да уживаме во овој натпревар. Овие два натпревари со Веспрем и со Мешков Брест ќе бидат добри за нас пред да играме со Висла во осминафиналето од ЛШ, изјави Раул.

За дуелот на двете првопласирани екипи на табелата капитенот Филип Лазаров посакува да нема повреди и мирно да биде одигран еден убав натпревар кој ќе биде подготовка за осминафиналето во ЛШ.

- Не очекува натпревар со Веспрем од СЕХА Газпром лигата, без поголемо значење и за двете екипи, но ова е дерби во СЕХА лигата и си носи некое значење. Ќе одиграме без притисок и се надевам да победиме и да ги искористиме овие два последни натпревари од СЕХА за да се подготвиме за осминафиналето со Висла во ЛШ и колку што можеме да се зачуваме да не се повредиме. Гледаме дека се случуваат пехови и ќе биде штета да не бидеме комплетни во финишот на сезоната, рече Лазаров.

Натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ се игра утре со почеток во 17 часот и 45 минути.