Loading Video...
Ракомет
18. September 2018 - 14:56

Вардар домаќин на Стеауа

Ракометарите на Вардар вечерва пред својата публика ќе го одиграат четвртиот меч во регионалната СЕХА лига. 
 
Актуелниот шампион на СЕХА лигата, Вардар вечерва во СЦ „Јане Сандански", го пречекува дебитантот во ова натпреварување романската екипа Стеауа од Букурешт.
 
Вардарци кои забележаа победа на првите три средби од новата сезона и се во серија од 29 натпревари по ред во СЕХА лигата без пораз, ќе се обидат да го продолжат победничкиот од. 
 
„Стеауа имаше повеќе време за да се подготви за овој натпревар. Ние по тешкото гостување кај Монплеје немавме многу време за одмор. Од она што анализиравме видовме акции кои не се својствени за ракометот во Романија. Ќе биде интересно. Не можеме прецизно да кажеме за нив од еден или два одиграни натпревари. Очекувам да биде тежок натпревар, но ние во Скопје не се плашиме од никого и против секого одиме на победа", коментираше Дибиров.
 
За тренерот Роберто Гарсија Парондо најважно е да се продолжи со истото темпо како и досега.
 
„Стеауа е добар тим и во своите редови има ракометари кои играат добар ракомет. Имаме три победи во ова натпреварување, а после победата над Монпелје сме концентрирани само на оваа средба. Важно е да не го загубиме нивото на интензитет и да дојдеме до нова победа", вели Парондо. 
 
Мечот Вардар – Стеауа ќе започне во терминот од 20 часот и 15 минути, а претходно ќе стартува дуелот меѓу Мешков Брест и Татран Прешов. 
 
Вториот македонски претставник во ова натпреварување, Металург првата победа во новата сезона ќе ја брка во мечот против Извиѓач кој ќе се игра утревечер од 20:45 часот во СЦ „Борис Трајковски“.