Ракомет
5. February 2019 - 15:41

Вардар без Борозан, Мораеш и Горбок на тешко гостување кај Рај НекарЛевен

 
Ракометарите на македонскиот првак Вардар отпатуваа за Мајнхајм каде утре со дуелот против германскиот Рајн Некар Левен го продолжуваат својот настап во  Лигата на шампионите.
 
Проблемите со повредите последниве две месеци ги мачат вардарци, па за Германија не отпатуваа Вуко Борозан, Рожерио Мораеш и Сергеј Горбок.
 
Сигурно дека ќе биде тежок натпревар. Рајн Некар е одличен тим. Ќе видиме колку сме спремни. Не сме во добар момент, ни треба повеќе време за тренирање зашто не сме комплетни, па треба да комбинираме со тоа што го имаме. Не мачат повреди на повеќемина играчи. Ќе се обидеме да играме добро и да се вратиме со добар резултат“ вели тренерот на вардарци Роберто Гарсија Парондо.
 
Во досегашните меѓусебни средби, шестпати победувал Вардар, еден меч завршил со реми и двапати победиле Германците. На теренот во Мајнхајм Вардар има две победи (во 2015 и 2016 година) и едно реми (лани во меч од групата, 21-21)
 
Секогаш натпреварите се неизвесни. Традицијата не ја гледаме. Никогаш немавме победа против Веспрем се досега. Затоа поважно е да се фокусираме на играта наша. Секој меч е различен и треба да бидеме различно подготвени според тактиката на противникот. Имаме уште четири натпревари до крајот на групната фаза. Ќе играме со максимално на секој натпревар, зашто секој меч сега е важен“, додава Парондо.
 
На првиот меч во Скопје одигран на 6 октомври 2018 победивме со 29-27 со одлична игра во второто полувреме. Вардар второпласиран на табелата во Група А со 13 бода, еден помалку од Рајн Некар.
 
Натпреварот меѓу Рајн Некар Левен и Вардар се игра утре (среда) со почеток од 19 часот.