Македонија
22. March 2019 - 18:09

Вандализмот и брзото возење низ делчевските улици тема на состанокот на Советодавната граѓанска група

Во последните 38 дена, на територијата на општина Делчево не е регистрирана сообраќајна незгода причинета со материјална штета или човечки жртви. Ова е констатацијата која пред членовите на Советодавната граѓанска група од Делчево, денеска ја образложи командирот на Одделението за сообраќај при делчевската полиција, Митко Миленковски, кој истакна дека оваа добра статистика може да биде загрозена од сезоната на возење мопеди и мотори која само што започна.
 
-За да не дојде до тоа, ние будно ја следиме состојбата преку санкционирање за сите возачи кои ја прекршуваат брзината на движење. Исто така ригорозно се постапува и со оние лица кои без возачка дозвола користат такви превозни средства, како и за оние кои не ја носат потребната опрема пропишана согласно со закон, истакна Миленковски.
 
Освен брзото возење на дневен ред на состанокот на Советодавната граѓанска група беше и вандализмот, кој како што истакна претседателот на СГГ, Ванчо Новоселски во последно време е се почеста појава во Делчево.
 
-Донесовме заклучок да се пронајдат сите тие чинители кои вршат вандализам, додека поразговаравме и околу некои претставки од граѓаните на кои ќе им биде одговорено по писмен пат, истакна Новоселски
 
Советодавната граѓанска група е советодавно тело формирано по иницијатива на ОБСЕ како дел од соработката помеѓу граѓаните и полицијата, со цел сите проблеми кои постојат во заедницата, да се лоцираат и потоа да се  пристапи кон нивно решавање.