Свет
3. July 2016 - 16:39

Валенса: Да бев на местото на САД, јас ќе ги соборев руските авиони над Балтичко Море

Поранешниот полски претседател Лех Валенса изјави дека доколку бил на местото на командантот на американскиот разурнувач „Доналд Кук“, на приближувањето на руските авиони во водите на Балтичко Море, тој ќе ги соборел.

-Да бев на местото на командантот на тој брод, над нас да пролетаа тие авиони, јас ќе ги соборев. Но, не за да ги убијам пилотите. Ќе ги гаѓав во крило, изјави Валенса во интервју за полското радио „Слобода“.

Поранешниот полски претседател е уверен дека таквата реакција не би предизвикала воен судир, пренесуваат руските медиуми.

-Каков судир? Никој не сака судир, вклучувајќи ја и Русија. Таа, меѓутоа, сака да постигне победа со застрашување  и уценување. Русија не може да си дозволи судир, тоа е ужасно скапо, рече полскиот политичар.

Во април САД ја обвинија руската војска за опасното приближување на авионите „Су-24“ до американскиот разурнувач „Доналд Кук“, што изведуваше воена вежба во меѓународните води на Балтичко Море.

Вашингтон изрази загриженост за инцидентот.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските пилоти притоа ги почитувале сите мерки за безбедност.