Македонија
16. January 2019 - 16:19

Вакцините во сите центри за имунизација ќе се пребројуваат - висината на санкцијата за Македонија Лек-следната недела

Колкава ќе биде казната за “Македонија лек” за декларациите со изминат рок на МРП вакцините ќе се знае идната недела. Од Агенцијата за лекови за Сител изјавија дека иако контролите се завршени, требало да ги пребројат сите вакцини со погрешна декларација кои се повлечени од Здравствените домови за да видат дали се совпаѓаат со количината од серијата која била дистрибуирана и искористена. 

Од МАЛМЕД тврдат дека според она што го нашле на терен станува збор за 624 кутии на кои биле залепени погрешно испечатени декларации со рок до октомври 2018, а не се работело за стари декларации. Освен Агенцијата за лекови случајот го истражува и производителот на вакцините Глаксо Смит Клајн.

- Можеме да потврдиме дека сите дози на Priorix продадени на Македонија Лек се испорачани од местото на производство во Wavre, Белгија, со целосно почитување на стриктните правила (регулатива) и високите стандарди за квалитет на Европската Унија. Ние соработуваме со локалните релевантни Институции и со дистрибутерот, велат од компанијата.

Иако се обидовме да стапиме во контакт со одговорните во “Македонија лек” за да прашаме дали завршила нивната внатрешна истрага, како дошло до техничката грешка на декларациите како што тврдеа и колкава казна очекуваат од МАЛМЕД, останавме без одговор.

Инаку министерот за здравство вчера побара МАЛМЕД да изрече максимална казна од 70.000 евра на “Македонија лек”.

Филипче побарал и од директорите на Здравствените домови да истражат зошто вработените во вакциналните пунктови при приемот не виделе дека декларациите на кирилица се погрешни.