Македонија
23. July 2019 - 16:20

Вакцините остануваат задолжителни независно од текот на епидемијата

Невакцинираните деца нема да се примаат во градинка ниту кога ќе заврши епидемијата на морбили. Задолжително при упис родителите мора да достават уреден вакцинален картон, категорична е министерката за труд и социјала.

-За да можеме да ги заштитиме сите деца важно е тие да се вакцинирани и тоа е светска пракса и сметам дека треба да продолжи. Ние како Влада само ги почитуваме законите кои се многу години пред нас донесени, изјави Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.

Министерката Царовска ова го изјави на средбата со директори и вработени во градинки кои добиваат покачување на платата за 16 проценти, односно во просек за околу 3000 денари. Исто така за прв пат се воведува кариерен развој на воспитувачките и негувателките и можност за нивно унапредување, но и систем на плати за директорите кој ќе варира во зависност од капацитетот уи бројот на згрижени деца.

-Нето платата на воспитувач со високо образование се зголемува за 16,26 отсто односно од 20.546 денари на 23.731 денар, а со пресметан минат труд за вработен со 15 години стаж ќе изнесува 25.511 денари, истакна Царовска.

-Првпат по долго време во предучилишното образование и воспитание се случуваат позитивни промени, изјави Ангела Ангеловска Усевска, директор на градинката „Мајски цветови“ во Карпош.

За проектот втора смена во градинките министерката рече дека во моментот се спроведува во 11 установи зошто само во толку општини имало интерес од родителите децата да им бидат згрижени во попладневните часови.