Македонија
28. May 2021 - 17:02

Вакцинираните во Србија ќе закажуваат ревакцина на ревакцинација.мк - експертите бараат можност и за помладите

Ревакцинација.мк за сите македонски граѓани постари од 60 години кои првата доза на Астра Зенека ја примиле во Србија. Сајтот според најавите од здравствените власти треба да профункционира од денеска за да можат да се пријават сите заинтересирани лица. Пропаднаа најавите дека српските власти ќе можат вакцините да ги испорачаат во Македонија а се уште ги нема и списоците на имунизирани.

-И покрај разговорите кои интензивно ги имавме со министерот Лончар, сепак, тие не можат дел од тие вакцини да ги испорачаат. Околу 20ти очекуваме најголем број за ревакцинација со Астра Зенека и ќе обезбедиме и дел од нашите количини за втора доза, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Со ставот на македонските здравствени власти, Врање Ниш и Белград идниот месец ќе бидат повторно дестинација за илјадници Македонци кои ќе мора да одат да ја примат втората доза во соседсттвото бидејќи се помлади од 60 години. Дел од експертите, пак, оценувајќи ја Астра Зенека како исклучително ефикасна и безбедна вакцина се надеваат дека можеби ќе се најде решение и за помладите граѓани.

-Би било одлично ако најдеме начин овие 15.000 граѓани кои беа на вакцинација во Србија, втората доза организирано да им биде овозможена во земјата. Знам дека има административни и други пречки, но се дискутира за ова и да се надеваме дека ќе се најде решение, вели проф. Др. Александар Петличковски, директор на Институт за Имунологија.

И додека се прават подготовки за ревакцинација.мк, во пунктовите во земјата се трошат последните обезбедени количини на вакцини за граѓаните кои треба да примат прва доза. Министерот вели дека во моментот има нешто помалку од 10.000 дози што е и дневната норма за имунизација. Темпото е намалено но Филипче со уверување дека од идната недела со пристигнување на 20.000 вакцини донација од Србија и 50.000 од Бугарија како и пратката од Фајзер преку директниот договор. Во јуни надлежните навија и пристигнување на кинески вакцини и одредена доза од Ковакс што треба да ја врати динамиката на имунизација.