Македонија
27. February 2021 - 19:46

Вакцини нема и нема датум кога ќе дојдат - Опозицијата прашува дали се откажани дозите од Кина?

Месец февруари помина, кинески вакцини се уште нема. Министерот за здравство Венко Филипче уверува дека во наредните денови ќе се знае кога точно овие вакцини ќе пристигнат во земјава. Информација нема ниту кога земјава ќе ги доби руските вакцини, иако договор е веќе потпишан. 

Филипче е разочаран од слабиот одзив за имунизација во гостиварскиот регион. Иако вакцини се уште нема, тој ги повика матичните лекари, да ги пријават за вакцинација граѓаните над 70 години кои имаат хронични болести.

Поради доцнењето на вакцините, реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. 

Филипче ја посети модуларната болница во Гостивар која од денеска е во функција. Таа е со капацитет од 35 кревети и се наоѓа во близина на инфективното одделение на општата болница. Со оглед на тоа дека 70 проценти од новодијагностицираните пациенти во земјава се заразени со британската мутација, министерот не ја исклучува можноста за воведување на нови рестриктивни мерки. Засега пораст на новозаразени и хоспитализирани лица има во Кавадарци, Прилеп и Охрид.