Македонија
8. March 2021 - 15:11

Вакцинацијата со „Спутник V“ најверојатно ќе почне со повозрасните лица

Тимот кој ги евалуира упатствата за руската вакцина Спутник V денеска треба да излезе со дефинитевен став, кои лица ќе имаат предност за вакцинирање со оваа вакцина. Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека најверојатно тоа ќе бидат повозрасните лица и оти има размислувања за тоа каде да се почне со вакцинација. 

– Сега има некои мислења и за тоа дали да се почне со старечките домови и со луѓето коишто се сместени таму или со дел од кадарот, така што дефинитивно денеска ќе знаеме, изјави министерот.  

Втората доза од руските вакцините би дошле во земјата најдоцна за три недели, но интензивно се разговара за пристигнување и на поголемо количество од првично предвиденото.

– Тоа беше обврска преземена од страна на претставниците на руската компанија, но истовремено и денеска, веќе утрово интензивно разговаравме со претставници на Руската амбасада, коишто помагаат да стигне и поголема количина, истакна Филипче. 

Повозрасните лица ќе бидат информираат преку матичните лекари за терминот и пунктот за вакцинација.

Министерот за здравство посочи дека денеска ќе се знае како ќе биде дистрибуирана вакцината Спутник V во другите градови.

– Термините ќе останат исти. Единствена разлика е во делот на растворањето на вакцината, ако во една дијала кај Фајзеровата вакцина се вадеа шест дози, овде една дијала е за еден човек. Значи замрзнат е раствор само за еден граѓанин којшто може да ја прими вакцината. Но, денеска ќе биде тој распоред од страна на тимот, рече Филипче.  

Во однос на вакцинирањето, министерот за здравство појасни дека матичните лекари ќе се користат како мост преку којшто се информираат граѓаните, а ќе добијат термин согласно расположливоста на вакцините.

– Затоа граѓаните се уште немаат добиено фидбек назад и тие коишто се пријавиле сами и тие чиишто податоци се генерирани од самиот систем  од „Мој термин“, поради тоа што сега се прави овој распоред. Значи, сите ќе бидат соодветно информирани. Дури и таму кај што матичните лекари не аплицирале самиот систем може да ги генерира тие податоци. Ние тие податоци ги имаме, вели Филипче.  

Медицинските лица кои досега ја примиле вакцината за коронавирусот од „Фајзер“, засега немале контраиндикации. Филипче вели дека она што може сега да го каже е дека освен покачена температура еден ден вечерта по вакцинацијата, еден или двајца здравствени работници имале и локална реакција на местото на вакцинацијата во смила на црвенило, блага болка и отекување на лимфните јазли на пазувата, Тоа било опишано во упатството како можен несакан ефект, а други значајни нуспојави нема.