Македонија
9. February 2021 - 13:29

Вакцинацијата против Ковид-19 ќе може да почне во првиот момент кога ќе стигнат вакцините, најави Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче информира дека на денешниот работен состанок во Поликлиниката „Бит Пазар“ утврдиле како практично ќе се спроведува процесот на вакцинација против Ковид-19.

Тој нагласи дека се утврдени местата, лекарите кои ќе работат со системот на вакцинација, медицинските сестри и специјализантите коишто ќе бидат во еден дел повлечени од специјализација од Клиниката за педијатрија, потоа местото кадешто ќе се чуваат вакцините и севкупно како ќе се одвива самата вакцинација.

– Овој план којшто го направиме, оперативен согласно бројот на вакцини, којшто ќе бидат на располагање, согласно распоредот којшто е веќе направен пред се како најприоритетна група за самите работници коишто работат со пациенти за Ковид, како ќе се пријавуваат, како ќе се прифаќаат и на кое место точно ќе се спроведува вакцинацијата. Во таа смисла денеска разговаравме за тоа како ќе бидат организирани пунктовите во Здравствениот дом во Скопје, во поликлиниките „Ченто“, „Букурешт“ и „Јане Сандански“ со повеќе пунктови физички по зградите во две смени и по една смена во поликлиниките „Ѓорче Петров“ и „Млин Балкан“. Практично сите седум ќе бидат активни, наведе Филипче.

Министерот посочи дека капацитетот за вакцинирање изнесува по 880 лица дневно во сите поликлиники во Здравствениот дом во Скопје и дополнителни близу 500 во пунктот во Клиничкиот центар во Скопје.

– Засега се пријавени четири илјади работници, од коишто околу две илјади се во Скопје, останатите се во другите градови. Таму вакцинацијата ќе се спроведува во вакциналните пунктови по примерот на вакцинацијата за сезонски грип, така што еве сега во првиот момент кога вакцините ќе стигнат може и практично да започне процесот на вакцинација, нагласи Филипче.

Министерот информираше дека веќе е подготвен еден фрижидер на температура од минус 70 степени за чување на вакцините.

– Овие денови и вчера интензивно разговаравме, еве и денеска интензивно правната служба разговара во однос на транспортот на вакцините и јас верувам дека за навистина кратко време ќе го знаеме и точниот датум кога ќе пристигнат во нашата земја, нагласи Филипче.

Министерот истакна дека суштината е во капацитетот во однос на инфраструктурата и во однос на здравствениот кадар, односно во поголемите здравствени домови ќе може да се направат и повеќе пунктови.

– Како што направивме распоред тука во Скопје. Конкретно, еве конкретен пример ќе дадам поликлиниката „Јане Сандански“ две смени во три пункта што значи дека 240 луѓе на ден ќе може да се вакцинираат согласно физичките параметри на просторот – влез, излез, н мешање, еден одреден период од 10-15 минути коишто после вакцинација граѓаните треба да почекаат заради евентуална појава на алергиска реакција, што е вообичаена постапка при вакцинација, се прави тој распоред. Значи, вакциналните пунктови, здравствените домови согласно капацитетот организираат соодветен број на места за вакцинација во рамите на својата институција, додаде Филипче.

Директор на Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски посочи дека направиле план во соработка со Министерството, со Комисијата и со Комитетот за имунизација.

– Како што спомна министерот, во трите поголеми поликлиники „Букурешт“, „Јане Сандански“ и „Чаир“ работното време ќе биде од 8 до 20 часот со тоа што оние деца коишто се во предшколска или школска возраст ќе бидат упатувани претпладне и во поликлиниката „Ѓорче Петров“ или пак ќе бидат упатувани во амбуланатата што се наоѓа во Карпош, значи да не бидат децата загрозени, тој тип на имунизација да се продолжи и понатаму. Затоа во останатите четири клиники ќе работат во попладневните часови со боксови, со капацитетите коишто располагаме и мислам дека 22 позиции се доволни во овој момент да опфатиме се, додаде Исјановски.