Македонија
25. March 2017 - 16:09

Вајгл: Никогаш ништо не сум кажал за Груевски и никогаш не ја редуцирам вината кај одредено име

Известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, денеска во изјава за МИА демантира дека тој за некој медиум изјавил нешто во врска со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ниту дека пренесувал нешто што Груевски му го кажал нему при нивната последна средба во Скопје. Во телефонска реакција од неговата родна Словенија, Вајгл негираше дека воопшто споменувал некого индивидуално во однос на македонската политичка криза, камоли дека, според пишувањето на некои медиуми, тој пренесувал што Груевски нешто и некогаш му кажал на него.

- Јас како човек никогаш не персонифицирам одговорност и не се плеткам во македонската политика со прозивки на некои имиња и луѓе ... Не знам ... да ја редуцирам вината на некое одредено име. Така е. Јас не зборував за тоа. Јас зборував за тоа што и претходно го кажав за Нова ТВ (интернет сајт, н.з.), дека, се разбира, Македонија мора да ја доживее својата катарза на сопствената политика и патот за натаму е и преку тоа што го прави Специјалното обвинителство. Доколку се утврди, а тоа мора да се утврди и преку правосудството, дека постои некаква индивидуална одговорност  на било кого, тогаш тој се разбира дека ќе мора во правната држава за тоа да сноси консеквенци.

На прашањето дали тој лично во некоја изјава или интервју го споменал поранешниот премиер Груевски и нешто што наводно претседателот на ВМРО-ДПМНЕ му го кажал лично, словенечниот европратеник децидно негира.

Дали Вие сте го споменале Груевски дека на Вас лично тој ви кажал дека ...

- Не, не, не сум зборувал такво нешто. Никаде не сум кажал такво нешто дека тој нешто кажал некому лично.

- Се што јас сум кажал и што директно сум го кажал е на телевизија, тоа е се јасно, достапно и многу разбирливо.

- Јас стојам на мислењето дека останувам во однос на внатрешните разлики во Македонија на неутрално ниво - завршува Иво Вајгл.

Со овој демант, словенечкиот европратеник докажа дека некои македонски медиуми не бираат средства и начин за лажирање и злоупотреба на странски политичари и нивни изјави со цел да претстават лажна слика или обвинување за некого на политичкиот спектар во Македонија.

За Сител од Брисел, Бобан Нонковиќ