Македонија
13. September 2018 - 12:27

Вајгл: Ако не успее референдумот, се плашам дека е последна шанса

Европратеникот од Словенија и известувач за Македонија во Европскиот Парламент, Иво Вајгл, вели дека се сомнева дека кореткно била пренесена изјавата на словенечкиот претседател Борут Пахор за проширувањето на ЕУ кон Балканот.

Како гледате на кампањата за референдумот во Македонија, сметате ли дека е доволно добра?

- Ја пратам кампањата, мислам дека е, од страна на сите кои се залагаат за поддршка на референдумот, за тие кои го поддржуваат влезот на Македонија во ЕУ и НАТО, дека е кампањата коректна, дека е во согласност со правилата кои важат во ЕУ и оди во насока на јакнење на свеста, луѓето сами да одлучуваат за иднината на нивната држава. Што се однесува на другата страна, оние кои се против Договорот, мислам дека има доста нетранспарентни ставови, доста политички игри има во тоа. Го читав последното соопштение на ВМРО ДПМНЕ. За разлика од ЕПП, чии се и тие членови, ВМРО и натаму инсистира на негативен став и мислам дека тоа, за перпсективата и улогата на ВМРО во македонската политика не е добро.

Мислам дека сега е момент кога сите треба да застанат на иста страна, на страна на долгорочниот интерес на Македонија. Затоа што тешко е да се поверува дека некогаш повторно ќе се укаже така поволна прилика и дека ќе добие поддршка од сите меѓународни фактори за влез на Македонија во ЕУ и НАТО.

Ако не успее овојпат се плашам дека е ова последна шанса.

Опозицијата не зазема јасен став...

Ако се чита меѓу редови, ставот на ВМРО е негативен, само со некоја реторика која оди околу суштината на прашањето, тие настојуваат да го скријат фактот дека посакуваат неуспех на референдумот.

Премиерот Заев рече дека нема да дебатира со лидерот на опозицијата доколку тој не се изјасни против опцијата за бојкот, дали е тоа оправдано?

- Јас сум човек од дијалог и секогаш мислам дека е добро политичките ставови да се соочуваат јавно. Меѓутоа премиерот Заев подобро од мене знае што може да очекува од таков дијалог, кога однапред се знае дека лидерот на ВМРО категорично го отфрла Договорот. А сите знаеме колкава е маката, колкава е интервенцијата на меѓународната заедница, така што јас го разбирам господинот Заев ако не е баш воодушевен од таа идеја.

Противниците на Договорот истакнуваат дека еден од проблемите е што албанската заедница повеќе го поддржува решението за спорот и дека постои ризик од продлабочување на етничкиот јаз. Има ли ризик за етнички тензии ако помине референдумот без широка поддршка од македонската етничка заедница?

- Мислам дека тоа се аргументи кои се во спротивност со сите работи кои се случуваа во последните години и месеци во Македонија. Мислам дека Македонија конечно најде вистински образ и баланс помеѓу етничките припадности на жителите. Ова не е етничко гласање туку гласање за евроатлантската иднина на земјата во која живее македонскиот народ, во која живеат припадници на албанската и другите заедници. Да се дава каков било етнички призвук на овој референдум е навистина политикантство и нешто што може да биде многу штетно за односите во Македонија кои се толку позитивни сега како што можеби никогаш не биле.

А, што околу аргументот дека Македонија нема гаранции да ги започне преговорите со ЕУ следната година, бидејќи датумот е условен?

- Македонија ги има сите гаранции и расположението во ЕУ е такво, и тоа се виде вчера во расправата за Состојбата на ЕУ, дека вклучувањето на сите земји од југоисточна Европа во ЕУ е перспектива на целата Европа. Не треба да има сомнеж во тие обврски. Тие обврски ќе бидат исполнети и Македонија ќе ги започне преговорите со ЕУ идното лето.

За говорот на Јункер вчера за Состојбата на ЕУ, ова е прв пат претседател на Европска Комисија да даде толку млака порака за проширувањето, не ја ни спомена флоскулата за “јасна европска перспектива“ за Западниот Балкан, туку само повика на дефинирање јасен став од страна на земјите членки. Зошто? Поради изборите за ЕУ?

- Видете, јас мислам дека за членство на која било нова држава во ЕУ не е заслуга ни задача на Европската Комисија, туку согласноста, прифаќањето на сите земји членки на нова земја членка. Мислам дека Јункер даде поддршка за таа идеја во мерка во која укажува на тоа дека проширување не е само приоритет на Европската Комисија, а Европската Комисија тоа повеќе пати го ставила на знаење, туку дека треба да биде приоритет на надворешната политика на сите држави на ЕУ.

Значи не го гледате ова како промена на ставот на ЕК кон проширувањето?

- Не мислам дека е тоа каква било промена, мислам дека не треба да се има сомнеж во ставот на Јункер. До душа тој нѐ разочара до некаде кога во својот настап пред четири години така експлицитно кажа дека за време на неговиот мандат нема да има проширување на ЕУ, меѓутоа во тоа како Комисијата ги водеше разговорите со потенцијалните кандидати се виде дека тоа сепак не значело некаков негативен став кон проширувањето. Напротив, мислам дека Јункер му даде најголеми можни овластувања и поддршка на комесарот за проширување, Јоханес Хан и како и на високата претставничка Могерини да продолжат со својата работа за приближување и давање гаранции на кандидатите дека се посакувани во ЕУ.

Другата голема тема на Балканот се разговорите за Србија и Косово, размените на територии. Како ќе влијае сево ова на регионот?

- Гледајте на Балканот, таму каде уште има отворени проблеми има многу тактизирања, пуштање пробни балони без да има зад тоа некаков конзистентен план или предлог за решавање. Така ја гледам и оваа идеја за размена на територии и населенија. Мислам дека тоа е идеја која доби јасен одговор од ЕУ, дека нема поддршка, дека отворените прашања не треба да се решаваат низ оптиката на етничките затворања и екслузивност, туку дека политиката на ЕУ е интеграција на тие земји. А етничките прашања се решаваат во согласност со стандарди за заштита на малцинствата, кои важат во цела ЕУ.

Што значи тогаш фактот што Могерини не го отфрли експлиицитно тој предлог?

- Тие први реакции беа малку избрзани и не беа засновани на познавање на ситуацијата и искуствата на оние кои живееле со тие проблеми, така што секој нестандарден политички потег може да има одек на потполно друг крај. Ако се отвори можноста за прекројување граници, тогаш апетитот за прекројување граници на Балканот многу брзо ќе порасне и тоа би било најопасно нешто што може да се случи во тој дел од Европа. Така што би рекол дека тие разлики во првите реакции многу брзо се избалансираа во Европа, мислам дека нема сомнеж дека европските институции и политичари не можат да бидат заинтересирани за проблемите кои ќе ги донесат некакви прекројувања на границите.

Бидејќи сте од Словенија, која е вашата реакција на изјава на Борут Пахор дека не може да има проширувања додека не се среди ЕУ одвнатре?

- Јас не слушнав таква изјава, но ако навистина било така кажано, мислам дека господинот Пахор за таква изјава немал никакво овластување во ЕУ ниту во ЕУ се размислува на таков начин. Има проблеми во ЕУ кои се решаваат попат и ќе се решаваат и натаму, можеби и со некои нови уставни решенија и со нова конвенција за уставот на ЕУ, но сигурно е дека ЕУ нема да чека да ги реши внатрешни прашања, па тоа да биде услов за нови проширувања. Јас верувам дека таа изјава на претседателот Пахор не е пренесена коректно и во целост.