Живот
24. November 2019 - 21:37

Ужас во Австралија: Девојчиња пронајдени мртви во врел автомобил, мајката обвинета за убиство

Две девојчиња на возраст од една и две години се пронајдени мртви во автомобил покрај куќа во австралискиот град Логан во близина на Бризбејн. Се претпоставува дека во автомобилот ги оставила мајката (27) против која е покренато обвинение за убиство, пренесува Вест Аустралијан.

Полицијата и итната помош добиле повик на адреса од куќа која се наоѓа на патот Логан Ресерв во квартот Вотерфонг денеска околу 13 часот. Покрај куќата бил паркиран автомобил во кој се наоѓале несреќните девојчиња.

Двете биле без свест, пресуваат медиумите, а медицинските работници не успеале да ги оживеат.

„За жал, двете девојчиња се прогласени за мртви на самото место“, рече полицискиот службеник Марк Вајт и додаде дека девојчињата биле изложени на екстремна горештина.

„Ова е трагичен настан“, додаде тој, и рече дека им нудат поддршка на сите полицајци кои се затекнале на самото место.

Полицијата веднаш ги приведе родителите на испитување, по што мајката е обвинета за убиство.

Форензичарите работат на тоа да ја откријат причината за смртта,односно дали екстремната горештина довела до трагичниот исход. Од полицијата рекоа дека истрагата е во рана фаза и дека настојуваат да утврдат колку време девојчињата биле во автомобилот и како стигнале до него.

Многу медиуми пренесоа дека автомобилот бил врел во време на трагичното откритие. Кога се откриени телата на девојчињата, температурата била 31 степен целзиус.

Соседите велат дека ова е страшна трагедија, но и дека уапсената жена секогаш била добра мајка.

Соседите за Сандеј Мејл рекоа дека девојчињата во автомобилот биле од 6.30 часот, односно дури седум часа пред да починат.