Македонија
12. December 2019 - 16:54

Утврдени 19 амбасадори за испразнетите места, со новиот закон 80 % од амбасадорите треба да бидат дипломати од кариера

Се пополнуваат 19 амбасадорски места во празните дипломатско-конзуларни претставништва на земјава. Владата ја утврди листата со предлози за амбасадори во сите соседни земји, освен во зафатената Софија, а амбасадорската фотелја се пополнува и во Брисел, Москва, Пекинг, Рим и во Вашингтон.

Неофицијално, Андреј Жерновски ќе не претставува во Обединетите Нации, додека Шпреса Јусуфи оди за Приштина. Како што претходно беше објавено, Дане Талески ја превзема испразнетата амбасадорската позиција во НАТО.   

Шеф добиваат и дипломатско-конзуларните претставништва во Хаг, Прага, Копенхаген, Тел Авив. Дипломатската мрежа се зајакнува и со македонски претставник на источните дестинации Доха и Њу Делхи.

Амбасадор се назначува и во Советот на Европа.

Кои се имињата кои ќе ја имаат честа да ја претставуваат Македонија, официјално ќе бидат познати кога листата ќе биде потврдена од претседателот Стево Пендаровски.

Дали се дипломати од кариера или пак доаѓаат од партиските кругови? Ова е една од клучните промени во новиот Закон, кој предвидува најмалку 80 отсто од амбасадорите да имаат истакнато дипломатско искуство.

“Една земја кон која би требало да се стремиме, а не е членка на Европската Унија, кога разговарав со министерот и го прашав колку политички именувања имате во редот на амбасадорите, тој ми рече ниедно. Услов е да бил поранешен премиер или да го бива / ја бива”

Од Македонскиот дипломатски синдикат обвинија дека со Законот министерот добива моќ без преседан да казнува и дисциплинира, а условот 15-годишно искуство за станување амбасадор е преамбициозен.

“Пред нас имаме еден предлог законски текст кој има тенденција да спречува, дели и казнува. Спречува навремено кариерно напредување на дипломатите со бескрајни рокови. Ниту нашиот министер Димитров денеска со овој закон не би исполнил услов да стане амбасадор”

Предлог Законот во наредните 10 дена ќе биде отворен за сугестии и забелешки кои можат да бидат доставени на електронската адреса на МНР.