Македонија
9. May 2017 - 12:51

Утврдена програмата за планинарскиот марш „Димитар Илиевски-Мурато“

Планинарскиот спортски клуб „Пелистер“-Битола ја утврди програмата за традиционалниот планинарски марш „Димитар Илиевски-Мурато“ кој секоја година се одржува по повод 10 мај, денот кога во 1989 година Илиевски-Мурато го освои највискиот планински врв на светот Монт Еврест.

Маршот на планинарите од државата и странство ќе се одржи на 12 и 13 мај, ќе се одвива по две маршрути со водичи и спасувачи, а секој учесник ќе добие амблем со ликот на Димитар Илиевски-Мурато и спомен печат од маршот.

-Првата група на планинари ќе пристигне во петок напладне и од Нижо Поле преку месноста „Дебел Рид“ ќе пристигне во планинарскиот дом на Големо Езеро. Во сабота ќе се одвиваат сите програмски настани планирани за маршот и притоа едната група ќе се движи по патеката од Инфо-центар преку „Палиснопје“, „Ловечка куќа“, врвот Пелистер се до „Димев врв“, додека пак втората група планинари ќе се движи од Големо Езеро преку „Партизански врв“, „Широк стапало“ до врвот Пелистер и конечно до „Димев врв“ каде двете групи се здружуваат, а потоа ќе биде приредн час посветен на делото на Димитар Илиевски-Мурато, информираат од ПСК „Пелистер“-Битола.

Според востановената традиција, планинарите ќе положат цвеќе пред бистата на Мурато кај планинарскиот дом „Копанки“, каде воедно ќе бидат доделени дипломи и благодарници за учесниците и поддржувачите на 28 по ред планинарски марш.