Македонија
17. March 2016 - 17:40

Утврдена програмата за чествување на 1100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски

Одборот за одбележување на 1100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски денеска одржа конститутивна седница, со која претседаваше претседателот  Ѓорге Иванов, при што ја утврди програмата за чествување на овој јубилеј.

Седницата претставува координација на институциите-носители и организации кои се вклучени во активностите за реализација на настани по повод 1100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски, кое годинава ќе биде на државно ниво.

- На конститутивната седница се разгледани предлог-активностите и културните настани кои ќе бидат посветени на животот и делото на големиот македонски просветител. Во тој контекст, претседателот Иванов беше информиран за подготовките кои се во тек, како и за иницијативите на институциите-носители на активности за одбележувањето на 1100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски. Воедно, на средбата беше утврдена програма за чествување на овој значаен јубилеј, која содржи бројни научни собири, ликовни изложби, културни манифестации и симпозиуми, соопшти Кабинетот на Претседателот.

На средбата присуствуваа членовите на одборот меѓу кои: заменик-министерот за образование, градоначалникот на општина Охрид, претседателот и претставници на МАНУ, ректорот на универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола, директорот на НУБ „Св.Климент Охридски“ – Скопје и други претставници на државни институции.

Одбележувањето на 1100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски е вклучено во Програмата за одбележување на јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности за 2016 година. Носители на одбележувањето се претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, Македонската академија на науките и уметностите и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола.