Македонија
14. July 2017 - 15:28

Утврден дневниот ред на осмата собраниска седница

Собранието на Република Македонија денеска ја почна осмата седница. Претпладневниот дел од седницата помина во утврдување на точките на дневниот ред.

Поради отсуство на министерот за финансии Драган Тевдовски од дневниот ред на седницата беше тргнат, па повторно беше вратен Предлог - законот за дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2017 година, по скратена постапка.

Претходно, пратениците од власта и опозицијата дебатираа за тоа кој може да предлага дополнување на дневниот ред на седниците.

Претседателот на Парламентот Талат Џафери апелираше до претставниците на извршната власт да го почитуваат собранискиот Деловник. Рече дека го тргнал Предлогот од дневниот ред, бидејќи министерот за финансии не дошол на време на седницата.

Министерот Тевдовски потоа пристигна на седницата и побара од претседателот на Собранието да се врати точката на дневен ред.

- Јас бев точно дојден кога беше закажана седницата. Имам целосна почит кон овој Парламент, но исто така барам да се има почит и кон мене лично. Би требало навреме да бидеме известени и точно да почнуваат седниците. Заради тоа барам Предлог - законот за дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2017 година, по скратена постапка да биде ставен на дневниот ред, рече Тевдовски.

Министерот за финснаии појасни дека согласно член 37, став 3 од Системскиот закон за буџетите, Собранието на РМ за извршување на буџетот на РМ донесува посебен закон во контекст на навдената законска одредба. - Со предложениот закон се врши дополнување на основниот текст во насока на зајакнување на принципот на транспарентност при користењето на наменско планираните средства од страна на буџетските корисници. Со оглед на тоа што се исполнети случаите утврдени во членот 170 од Деловникот на Собранието на РМ овој закон се предлага да се донесе по скратена постапка, бидејќи не се работи за сложен и обемен закон, како и тоа дека не се во прашање сложени и обемни усогласувања на законот со правото на Европската унија, појасни министерот Тевдовски.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ претходно побара дневниот ред на седницата да се дополни и со точката за увид на договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, која не беше усвоена. 

Претседателот на Собранието по утврдувањето на дневниот ред на осмата седница даде пауза до 15 часот, бидејќи пратениците ќе присуствуваат на седницата на Комисијата за европски прашања на која ќе се обрати премиерот Зоран Заев за „Планот 3-6-9“.