Македонија
20. јуни 2019 - 16:20

Утре списокот со нови министри ќе патува кон Собранието?

До крајот на неделата премиерот Заев ќе го стокми својот нов кабинет. Владиниот портпарол најави дека пратениците ќе бидат првите кои ќе ги видат имињата во новиот владин состав. Во меѓувреме се уште течат консултациите на Заев со лидерите на помалите политички партии во коалицијата. Премиерот денеска остварил средба со лидерот на ДПА, Мендух Тачи, а претходно, Заев имал координација и со останатите лидери.

Во отсуство на официјални информации се шпекулира дека нови имиња на Илинденска ќе бидат лидерот на ЛДП, Горан Милевски кој ќе биде нов министер за локална самоуправа и Насер Нуредини кој ќе го замени Садула Дураку во министерството за екологија, кој пак ќе стане прв министер во новото министерство за политички систем.

Се очекува партијата НДП да добие едно министерство без ресор во замена за локална самоуправа. Премиерот Заев веќе најави дека нема да смени повеќе од 8 министри што значи дека во Собранието нема да тече постапка како за избор на нова Влада. За изборот на секој министер на власта ќе и треба апсолутно мнозинство од 61 пратеник. Седницата се очекува во текот на идната недела.